
Соопштение за јавност на Левица :
Податоците на ЕУРОСТАТ за цените на електричната енергија покажуваат значителна промена во структурата на сметката за домаќинствата во Македонија во изминатите години. Додека делот за „енергија и снабдување” од 2020 до 2025 година се зголемил од околу 304 на околу 331 денар за 100 kWh, односно за приближно 9%, мрежниот трошок во истиот период пораснал од околу 121 на околу 270 денари за 100 kWh. Тоа претставува зголемување од околу 149 денари, односно приближно 124%, или повеќе од двојно зголемување на овој дел од трошокот.
Ова значи дека најголемата промена не се случува кај самата ставка за енергија и снабдување, туку кај трошоците поврзани со електроенергетската мрежа. Ако се споредат само овие две компоненти, за секои 100 kWh делот за енергија и снабдување е зголемен за околу 27 денари, додека мрежниот трошок е зголемен за околу 149 денари. Со други зборови, растот на мрежниот дел е повеќекратно поголем од растот на трошокот за самата енергија и снабдување.
Според методологијата на ЕУРОСТАТ, во мрежниот трошок влегуваат тарифите за пренос и дистрибуција, загубите во преносната и дистрибутивната мрежа, системските услуги, трошоците поврзани со мрежата, како и мерењето и изнајмувањето броила. Оттука, станува збор за поширока категорија на трошоци поврзани со испораката на електричната енергија до крајниот потрошувач, а не за една единствена ставка на сметката.
Левица бара:
Итно замрзнување на цената на струјата за домаќинствата и преиспитување на одлуката.
Вонредна ревизија и јавна објава на пресметките и трошоците што се признаваат на ЕВН (транспарентност „до последен денар”).
Социјален модел со гарантиран минимум на евтина/достапна струја за секое домаќинство, а повисоките потрошувачки да не служат како изговор за казнување на семејствата кои се греат на струја поради немање алтернатива.
Политичка и институционална одговорност – јавна расправа и отчет во Собрание за работата на РКЕ и енергетските политики.
ЕСМ продажба да биде постојан законски универзален снабдувач.



