Утрински Весник
Македонија

Обид за деблокада на евроинтеграциите: Муцунски оди во Софија

Img 5255.jpeg

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека европската определба на Македонија не е спорна, но дека пристапниот процес мора да биде фер, предвидлив и заснован на јасни правила. По средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Скопје беше најавен и конкретен чекор кон обновување на политичкиот дијалог со Бугарија.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во вторник ќе отпатува во Софија, каде што ќе се сретне со својот бугарски колега, а ќе се обиде да договори и средби на повисоко политичко ниво.


Ова на заедничката прес-конференција со фон дер Лајен го соопшти Мицкоски, оценувајќи дека станува збор за конкретен чекор кон обновување на дијалогот меѓу двете земји.

Премиерот нагласи дека Владата останува на европскиот курс, но инсистира разговорите со Бугарија да се водат со поголема предвидливост и со присуство на Европската Унија. Според него, целта е аргументите на двете страни да бидат слушнати пред претставници на официјален Брисел.

„И не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно. Обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања“, изјави Мицкоски.

Фон дер Лајен, пак, порача дека постои клучен чекор што земјата треба да го направи за да може да продолжи напред во евроинтегративниот процес, по што би следувале патоказите.

Таа посочи дека Брисел работи на подготовка на следните чекори и оцени дека процесот со Македонија може да се одвива брзо откако ќе биде надмината блокадата поврзана со Бугарија.

„Можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија затоа што веќе интензивно работиме на реформите кои што се неопходни. Да, сè уште има работа, но импресивно е она што досега го имате направено и сега се фокусираме на тоа да ја деблокираме ситуацијата за да можеме потоа да дојдеме со патокази во Северна Македонија“, изјави фон дер Лајен.

Во рамки на официјалната посета на Скопје, претседателката на Европската комисија се сретна и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Во фокусот на разговорите биле евроинтегративниот процес и односите со Бугарија.

Можете да прочитате

Платформата 12:05: Оставка на Филипче, вонреден Конгрес и внатрепартиски избори

Не запира големата акција во Прилеп: Претресена 37 локација, во банкарски сеф најдени над 50.000 евра

Кичевци и од „дваесеттиот министер“ добија ветување за нова болница