Утрински Весник
Македонија

Не запира големата акција во Прилеп: Претресена 37 локација, во банкарски сеф најдени над 50.000 евра

Img 5251.jpeg

Големата полициска акција во Прилеп продолжува, а полицијата извршила претрес и на 37. локација. Досега кривични пријави се поднесени против 21 лице, додека истрагата продолжува и не е исклучена можноста списокот на осомничени дополнително да се прошири.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, информираше дека по големата акција спроведена пред два дена, полициските активности на терен не запираат. Во Прилеп е засилено присуството на полицијата, а се најавуваат и нови чекори во истрагата.


Според досегашните информации, кривични пријави добиле 21 лице. Во оваа бројка не се опфатени четворицата осомничени полициски службеници, за кои постапува внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи.

На 14 осомничени им е определена мерка притвор до 30 дена, додека четворица добиле куќен притвор.

Во рамки на продолжените претреси, полицијата извршила претрес и на 37. локација, каде во банкарски сеф биле пронајдени повеќе од 50.000 евра.

Надлежните засега не откриваат повеќе детали за пронајдените пари, но Јанев посочи дека истрагата е активна и дека не е исклучено да бидат опфатени и други лица.

„Ќе следат и нови активности и нови чекори“, најави Јанев, додавајќи дека понатамошното постапување ќе зависи од податоците, информациите и трагите до кои ќе дојдат надлежните институции.

Директорот на БЈБ се осврна и на засиленото полициско присуство во Прилеп, посочувајќи дека целта е полицијата да ја зајакне непосредната комуникација со граѓаните.

„Зголеменото присуство кога го кажувам, кажувам за физички полицијата да ја гради конекцијата со граѓаните“, рече Јанев.

Тој оцени и дека по акцијата спроведена во Прилеп, Скопје и Струга „митот за недопирливите во Прилеп конечно падна“.

Според Јанев, безбедносната состојба во Прилеп во моментов е поволна, а задачата на полицијата е таа состојба да се одржи и дополнително да се намали бројот на кривични дела и прекршоци против јавниот ред и мир.

Истрагата продолжува, а од БЈБ најавуваат дека во зависност од новите докази и информации, во наредниот период се можни дополнителни полициски активности и проширување на кругот на осомничени.

Можете да прочитате

Обид за деблокада на евроинтеграциите: Муцунски оди во Софија

Кичевци и од „дваесеттиот министер“ добија ветување за нова болница

Ги запоставила децата и дозволила малолетната ќерка да има полови односи, обвинувања кон мајка од поранешниот партнер