
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која денеска престојува во официјална посета на Скопје како дел од нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан, пристигна во Владата, каде со највисоки државни почести ја пречека премиерот Христијан Мицкоски.
Веднаш по церемонијата Мицкоски и Фон дер Лајен ќе одржат тет-а-тет средба, а по неа, како соопшти владината Прес-служба предвидена е заедничка прес-конференција на Мицкоски и Фон Дер Лајен.
Претходно, Фон дер Лајен беше пречекана на скопскиот аеродром од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински.
– Добредојде во Скопје за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Денеска во Скопје ја пречекав претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен – објави Муцунски на Фејсбук.
Шефот на дипломатијата нагласи дека посетата е силна потврда за европската ориентација, посветеноста на Владата на реформските процеси, целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и јасната определба за напредок во европската интеграција.
Премиерот Мицкоски во пресрет на посетата на Фон дер Лајен, во изјава за медиумите повтори дека Владата е подготвена за разговор и решение, отфрлајќи ги обвинувањата на опозицијата дека го кочи евроинтегративниот пат со неотварањето, односно неприфаќањето на уставните измени.
– Нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни. Ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и на крајот од денот да најдеме решение – истакна Мицкоски.
Фон дер Лајен ќе има средба и со претседателката Гордана Сиљановска-Давковa во Вила Водно. Ќе се разговара за европската перспектива на земјата и регионот и за процесот на пристапување кон ЕУ.
На средбите се очекува да стане збор и за проблемот со Бугарија и за можностите за негово надминување.
Посетата на нашата држава е дел од турнејата на Фон дер Лајен низ Западен Балкан. Во рамки на турнејата таа ги посети Албанија, Црна Гора и Косово.

Овој пат Србија и Босна и Херцеговина не беа дел од нејзината агенда. Портпаролката на Европската комисија, Аријана Подеста, соопшти дека двете земји се изоставени бидејќи се подготвуваат за избори. Србија ќе одржи предвремени парламентарни избори на 25 октомври, а во Босна и Херцеговина се закажани општи избори на 4 октомври.


