Утрински Весник
Македонија

Миланов: „Казино Аустрија“ нема ексклузивитет за автоматите, набавката на апаратите е целосно законска

Lotarija 1.webp.webp

Бранителот на поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, адвокатот Еленко Миланов, денеска на рочиштето за предметот „Државна лотарија“ изјави дека клучна забелешка на одбраната е оти „Казино Аустрија“ имала ексклузивитет само за приредување електронски игри на среќа, но не и за набавка и приредување игри на среќа со автомати.

На денешното рочиште бранителите на обвинетите ги изнесуваа своите забелешки во однос на доказите предложени од Обвинителството.


Според Миланов, ниту во договорот со „Казино Аустрија“, ниту во актите за основање на заедничкото друштво не постои одредба со која на странскиот партнер му се дава ексклузивно право во делот на автоматите за игри на среќа.

– Со тоа тој ексклузивитет не е пренесен и тоа право може да го користи и самостојно или преку други правни субјекти што би биле формирани – појасни Миланов.

Тој оцени дека одбраната со ова сака да покаже дека целокупната постапка за набавка на автоматите и правото за нивно користење била спроведена согласно закон. Миланов нагласи и дека во обвинението не се тврди оти некој од обвинетите стекнал противправна имотна корист од набавката на апаратите.

– Тие апарати и денес се наоѓаат во Лотарија на Македонија, а во текот на постапката ќе докажеме дека таа набавка само е од корист затоа што овие апарати со оглед на сите промени на цени и ова, денеска вредат значително повеќе и можат во секој момент да бидат ефектуирани од АД Државна Лотарија на Македонија – додаде тој.

Во однос на штетата наведена во обвинението, Миланов посочи дека како износ на штета е наведена вредноста на набавените апарати, додавајќи дека самата јавна набавка не била оспорена ниту во диспозитивот на обвинението, ниту од кој било друг надлежен орган.

Во предметот „Државна лотарија“, покрај поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на АД „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.

Обвинителството ги товари дека со пречекорување на службените овластувања му нанеле штета на АД „Државна лотарија“. Сите обвинети на почетокот на судскиот процес се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

Можете да прочитате

Двајца кандидати во трка за претседател на Апелацискиот суд Скопје

МВР: Во тек е полициска акција во повеќе градови во државата за сузбивање трговија со дрога

Македонија првпат добива нови електрични еколошки автобуси