
Еден од најзначајните регионални собири на медиумската, комуникациската и креативната индустрија, Weekend.19 во Ровињ, годинава беше местото каде што за првпат пред публика беше претставен големиот филмски проект за Тоше Проески, зад кој стои ОХО Продукција.
Во Старата фабрика за тутун во Ровињ, која од 24 до 27 септември повторно стана средиште на регионалната медиумска, креативна, технолошка и бизнис сцена, ОХО Продукција го претстави проектот во рамки на панелот „Next Big Thing: Toše Proeski Film”.
Пред публика составена од професионалци од целиот регион, продуцентот Пеце Талески, авторот на проектот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин првпат јавно ја отворија приказната за проектот што се развива во три различни формати: игран филм, играна серија и документарна серија.
И ако постои приказна што речиси целиот регион мисли дека ја знае, тоа е приказната за Тоше.
Но токму тука започнува најголемиот предизвик.
Како се снима филм за човек за кого милиони луѓе веќе имаат сопствена слика, сопствено сеќавање и сопствена емоција?
Токму ова прашање беше во центарот на разговорот во Ровињ. Авторскиот тим зборуваше за настанувањето на проектот, долгогодишното истражување на животот и личноста на Тоше, разговорите со луѓето кои го познавале и за можеби најтешката задача во целиот процес: огромниот број факти, сведоштва и лични спомени да се претворат во една силна филмска приказна.
Тоше Проески остави трага што одамна ги надмина границите на една музичка кариера. Неговиот глас, лице, песните и насмевката и денес се дел од колективната меморија на милиони луѓе во регионот.
Токму затоа задачата на авторите не е само да реконструираат една исклучителна кариера.
Предизвикот е да го пронајдат човекот зад јавната слика што публиката толку добро ја познава.
„И јас би сакал да го знам тој Тоше.”
Оваа реченица Тоше ја изговорил во своето последно интервју, само неколку часа пред трагичната смрт, а Игор Стоименов ја издвои како една од клучните реченици за разбирање на целиот проект.
„За мене во таа реченица се наоѓа душата на овој проект. Додека јавниот Тоше стануваше сè поголем, приватниот Тоше како да имаше сè помалку простор за себе, за љубовта, верата, своите соништа и правото на обичен живот. Преку играниот филм, серијата и документарната серија сакам да го најдеме токму тој Тоше, момчето од Крушево, човекот зад гласот, концертите, насловните страници и митот. Никогаш нема да дознаеме до каде ќе стигнеше неговиот глас, но ќе се обидеме заедно со публиката да откриеме кој бил човекот што го носел тој моќен тенор”, рече Стоименов.
Неговата приказна, сепак, не е само приказна за исклучителен музички талент.
До својата 26. година Тоше со леснотија се движеше од поп и рок музика, преку традиционалната музика, до комплексни оперски арии. Во моментот кога неговиот живот беше трагично прекинат, неговиот уметнички пат беше далеку од завршен. Бараше нов звук и отвораше пат кон меѓународна кариера, додека сè што дотогаш имаше постигнато само навестуваше колку далеку можеше да стигне.


