
Соопштение на Левица:
Толку од „чуварот на Уставот”. Уставниот суд денес одлучи да не поведе постапка по иницијативата на Левица против одредбите од Изборниот законик со кои на Левица ѝ беше оневозможен пристапот до платено политичко рекламирање. Со мнозинство гласови, Судот одлучи дека нема што да разгледува, повикувајќи се на тоа дека за ова прашање веќе било одлучувано. Неколкумина судии имаат издвоено спротивни мислења.
Откако Гоце Наумовски си замина од функцијата уставен судија, на неговото место владејачкото мнозинство предводено од ДПМНЕ ја инсталираше Мери Дика Георгиевска. Истата Мери Дика Георгиевска која ДПМНЕ во опозиција ја напаѓаше како дел од компромитираното правосудство и ја поврзуваше со случајот „Рекет”, по доаѓањето на власт стана прифатлив кадар за највисоката институција на уставно-судската власт. Денес, токму во таков состав, Уставниот суд одлучува да не ја испита евидентната дискриминацијата врз парламентарна партија.
Уставниот суд одлучува за состојба која не е иста со онаа за која одлучувал во 2023 година. Тогаш немаше парламентарна партија која беше исклучена од платеното политичко рекламирање. Во 2025 година, таква партија постоеше – Левица. Во меѓувреме беше создаден и фактички применет модел во кој парламентарна партија со своја пратеничка група, надвор од двете најголеми политички групации, остана без пристап до ова право. Оттука, повикувањето на старата одлука како „пресудена работа” не може да го избрише фактот дека денес пред Судот стоеше нова политичка и фактичка состојба.
Овој став го делат и ДИК, АВМУ, ДКСК и ДЗР, кои во 2025 година го известија Собранието за проблемите во Изборниот законик токму во делот на платеното политичко рекламирање. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се вклучи како amicus curiae во постапките поврзани со ова прашање, а прашањето на еднакви услови за политички натпревар беше нотирано и во извештаи на ОБСЕ/ОДИХР и IFES. Проблемот беше видлив и регистриран од институциите. Само Уставниот суд денес реши дека нема потреба ни да го разгледа.
Оваа одлука мора да се чита политички! Уставниот суд денес не поведе постапка за една евидентна политичка дискриминација и цензура. Со тоа уште еднаш покажа дека е целосно неспособен да ја извршува функцијата за која постои. Наместо коректив на власта, Судот се претвора во нејзин продолжен апарат – продолжена рака на ДПМНЕ и чувар на статус квото во Македонија. Ако за ваков случај, со ваква промена на фактичката состојба и со сите укажувања од релевантните институции, нивниот одговор е дека „нема што да се разгледува”, тогаш навистина треба да се запрашаме што воопшто разгледуваат.
Дел од судиите од овој состав од функцијата УСТАВЕН СУДИЈА ја задржаа само титулата, а ја заборавија улогата на нивната фотелја: да го ограничуваат самоволието на власта, а не да го покриваат.
Оваа одлука само покажува колку е неопходно политички да се отвори прашањето што партиите на стариот политички поредок се обидуваат да го затворат. Левица ќе продолжи да удира токму таму каде што системот сака да молчиме.



