Утрински Весник
Свет

Горивата во ЕУ достигнаа историски рекорди, се очекува нов раст на цената на дизелот

Benzin Gorivo 960x639 1.jpg

Цените на бензинот и дизелот во Европската Унија се искачија на највисокото ниво откако Европската комисија почна да ги следи податоците пред повеќе од две децении. Експертите предупредуваат дека ценовниот притисок сè уште не го достигнал врвот, особено кај дизелот.

Според последниот неделен билтен на Европската комисија, просечната цена на бензинот во ЕУ на 14 септември изнесувала 2,063 евра за литар, додека дизелот во просек се продавал за 2,159 евра.


Со овие цени, полнењето резервоар од 50 литри во просек чини околу 103 евра за бензин и 108 евра за дизел.

Станува збор за највисоки вредности регистрирани од 2005 година, кога Европската комисија започна со редовно следење на цените на горивата. Претходниот рекорд на бензинот беше забележан во 2022 година, додека дизелот последен пат се приближи до сегашното ниво во април годинава.

Големи разлики меѓу членките

Цените значително се разликуваат во зависност од државата. Најевтиниот бензин е регистриран на Малта, каде што литар чини 1,34 евра, а најскап во Данска – 2,56 евра.

Малта има и најевтин дизел, со цена од 1,21 евро за литар, додека највисоката цена е забележана во Финска, каде што литар дизел достигнал 2,51 евро. Во пресметките се вклучени даноците и акцизите.

Војната и нарушеното снабдување ги туркаат цените нагоре

Силниот раст на цените започна по избувнувањето на судирот на Блискиот Исток и нарушувањето на протокот на енергенти низ Ормутскиот Теснец. Цената на референтната нафта „брент“ во еден момент надмина 126 долари за барел, а сега се задржува над 104 долари. Пред почетокот на конфликтот барелот чинеше околу 72 долари.

Дополнителен притисок врз европскиот пазар создаваат проблемите со снабдувањето. „Сауди Арамко“, според информации на „Блумберг“, известил европски рафинерии дека во октомври нема да ги добијат договорените количества нафта. Ова следува по нападот врз важен саудиски нафтовод што води кон Црвеното Море.

Растот на горивата веќе се одразува и врз инфлацијата. Според Европската централна банка, енергетската инфлација во еврозоната во август достигнала 14,3 проценти, наспроти 10,3 проценти во јули.

Не поскапува само суровата нафта

Покрај цената на суровата нафта, значително се зголемени трошоците за преработка и рафинериските маржи – разликата меѓу набавната цена на нафтата и продажната цена на добиените деривати.

Според проценките на експертите од Европската централна банка, рафинериската маржа во третата недела од септември учествувала со 0,41 евро во цената на еден литар дизел, односно со околу 19 проценти од неговата малопродажна цена. Кај бензинот маржата изнесувала 0,17 евра за литар, или околу осум проценти.

Од почетокот на 2026 година просечната цена на бензинот во ЕУ се зголемила за околу 29 проценти, а на дизелот за речиси 40 проценти.

Проценките покажуваат дека маржите кај бензинот веројатно го достигнале врвот во август. Кај дизелот, пак, врвот се очекува дури во октомври, што значи дека неговата цена може да остане висока или дополнително да порасне.

Европската централна банка предупредува дека нови прекини во снабдувањето со енергија би можеле да предизвикаат посилен и подолготраен раст на цените. За позначително поевтинување би биле потребни смирување на конфликтот на Блискиот Исток, нормализирање на сообраќајот низ Ормутскиот Теснец и целосно обновување на работата на светските рафинерии.

Можете да прочитате

Нападнат рускиот систем за онлајн гласање на изборите

САД и Данска постигнаа договор за Гренланд по заканите на Трамп за анексија

Вашингтон одобри продажба на опрема за воздушна одбрана на Украина