
Северна Кореја соопшти дека нејзиниот статус на нуклеарна држава е „неповратен“, отфрлајќи ја новата резолуција на Меѓународната агенција за атомска енергија со која се критикува нуклеарната програма на Пјонгјанг.
Ким Јо Џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, ја обвини агенцијата за примена на двојни стандарди. Таа оцени дека меѓународната институција ги игнорира американските и јужнокорејските воени активности, додека ги осудува мерките што Пјонгјанг ги претставува како неопходни за сопствената одбрана.
Севернокорејското Министерство за надворешни работи, исто така, ја отфрли резолуцијата и порача дека земјата нема да се откаже од својот нуклеарен арсенал.
Изјавите доаѓаат во период кога Ким Џонг Ун посетува фабрики за производство на оружје и бара натамошно модернизирање на воените капацитети. Според извештаите на државните медиуми, севернокорејскиот лидер оценил дека биле постигнати значителни промени во одбранбената индустрија.

Пјонгјанг во изминатиот период продолжи со развојот и тестирањето ракети, и покрај меѓународните санкции и повиците за обновување на разговорите за денуклеаризација.


