Утрински Весник
Македонија

Над 615.000 автомобили во земјата, доминираат дизел возилата

Avtomobili.webp.webp

Бројот на патнички автомобили во земјава само во последните пет години е зголемен за над 40 проценти од 429 илјади во 2020, на над 615 илјади во 2025 година. 

И покрај брзиот раст на хибридните и електричните автомобили, нивното учество сè уште е релативно мало и на патиштата се уште доминираат дизелите, додека бензиските возила бележат пад. 


На патишатат во земјава дизел возилата остануваат доминантни и со раст од 67 проценти за пет години учествуваат со околу две третини во вкупниот возен парк. 

Бензинските автомобили бележат пад од околу 13 проценти и нивниот удел за десет години се намалува од околу 42% во 2020, на 25,7% во 2025. 

Во апсолутни бројки намалувањето е на бензинските автомобили е за 24 352 возила, додека дизелите се зголемиле за + 186 илјади. 

Електричните возила за десет години имаат раст од 30 пати, но иако растот е силен, електричните возила сè уште претставуваат само околу 0,33% од вкупниот број автомобили во 2025 година. На патиштата лани имало само 2 047 електрични автомобили. 

Хибридите, исто така, бележат најбрз раст меѓу новите технологии и достигнуваат околу 1,2% од вкупниот возен парк во 2025 година. Од 1 287 автомобили во 2023, на 5 078 во 2024 и 7 393 хибридни возила лани. 

Во последните десет години над 80% од увезените автомобили се половни, а минатата 2025 на еден нов автомобил 3,5 биле половни. Истовремено, бројот на регистрирани возила за десет години е зголемен за 60 проценти – од 383 илјади во 2015 на 615 илјади во 2025, но и покрај тоа просечната старост останува високи 19,3 години, што значи дека на патиштата се возат сè повеќе и сè постари автомобили.

Дизелот доминира со 63,8% удел, бензинот паѓа на 25,7%, а електричните и хибридните возила иако бележат брз раст уделот на електрични изнесува 0,3%, додека на хибридни автомобили 1,2%. Уделот на возила на ТНГ останува стабилен на 9%.

Околу една третина од сите регистрирани возила во Македонија се во Скопје. Иако уделот на Скопје постепено се намалува кај сите категории возила, што укажува дека моторизацијата расте побрзо во останатите региони на државата. Патничките автомобили во последните пет години пораснале за 43,4% во Македонија и 32,2% во Скопје, додека мотоциклите бележат најсилен раст од +165,7% во Македонија и +123,9% во Скопје. 

Во 1991 година автомобилот сè уште бил значаен статусен симбол и во многу семејства едно возило го користело целото домаќинство.

Денес ситуацијата е сосема поинаква. Македонија по независноста била земја со релативно низок степен на моторизација, типичен за доцната Југославија. Денес бројот на автомобили по жител е повеќекратно поголем и автомобилот станал основно превозно средство за најголем дел од населението.

Од независноста до денес, бројот на автомобили по жител во Македонија се зголемил приближно 2,5 пати. Од 122 автомобили на 1000 жители во 1991 година, во 2025 имаме 338 автомобили на 1000 жители. 

Возниот парк се проширил побрзо од растот на населението, што покажува значително зголемување на достапноста на автомобилите и раст на потрошувачката моќ. 

Должината на автопатите во Македонија од независноста до 2025 година, исто така е зголемена, од приближно 120 километри на околу 347 километри, што значи дека мрежата е повеќе од двојно проширена. Најголемиот дел од таа експанзија се случил по 2005 година и во 2010 година достигнува 251 километар.

Од „стојадин“, „југо“ и „голф“ до електрични автомобили, SUV-модели и возила со дигитални системи за асистенција – промената во автомобилскиот парк е една од највидливите слики на 35-годишната трансформација.

За најевтиниот нов автомобил на пазарот во 1991/95 година, на пример Југо Корал 45, биле потребни околу 30 до 33 тогашни просечни плати, додека денес за нов автомобил во економска класа, коишто чинат помеѓу 15.000 и 20.000 евра, се потребни помеѓу 20 и 28 просечни плати.

Можете да прочитате

Почина 47-годишен кумановец, излетал од патот Велес-Штип

Голема полициска акција во Скопје: Претреси на 32 локации, се влегува и во службени простории на МВР

Мицкоски: Ако опозицијата поднесе барање во Парламентот, ќе одговориме позитивно, ќе имаме избори и ќе ги победиме