Утрински Весник
Македонија

Гоцевски: На Борис Трајковски му извршија атентат

Img 3887.jpeg

Поранешниот функционер Трајан Гоцевски изнесе сериозно тврдење за загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски, оценувајќи дека авионската трагедија од 2004 година не била несреќен случај, туку атентат.

„На Борис Трајковски му извршија атентат“, изјави Гоцевски за 4ТВ.


Тој смета дека околностите околу загинувањето на Трајковски треба да се разгледуваат и во поширок контекст на политичките и безбедносните случувања низ кои Македонија минуваше во периодот околу кризите во 1999 и 2001 година.

Според Гоцевски, постојат повеќе прашања и околности кои и повеќе од две децении подоцна заслужуваат дополнително внимание и расчистување од надлежните институции.

Тој посочи и на прашањата поврзани со истрагата за падот на авионот со кој патуваше македонскиот претседател, наведувајќи дека во случајот биле вклучени странски навигатори и офицери, но дека нивната понатамошна улога, според него, не била доволно разјаснета.

„Има многу работи што останаа и ние како држава не успеавме да се наметнеме да се расчистат, битно и за нивните семејства, битно и за нас како држава“, изјави Гоцевски.

Тој смета дека Македонија има и други случаи на загинати лица и нерасчистени настани кои не добиле доволно институционално внимание.

Во тој контекст, Гоцевски се осврна и на историските случаи на политичко насилство и атентати врз македонски дејци во периодот меѓу двете светски војни. Според него, за дел од тие настани постојат истражувања и објавени материјали во Бугарија кои треба посериозно да бидат предмет на интерес и на македонските институции.

„Мислам дека три и пол децении се добар период“, рече Гоцевски, повикувајќи државата посериозно да пристапи кон расчистување и истражување на ваквите случаи.

Борис Трајковски загина на 26 февруари 2004 година при пад на владиниот авион во близина на Мостар, заедно со членовите на делегацијата и екипажот. Тврдењето на Гоцевски дека станувало збор за атентат е негов став и не претставува официјално утврден заклучок за причините за трагедијата.

Можете да прочитате

ЈНА се заканувала со срамнување на Скопје, Македонија се борела да го спаси аеродромот вели Гоцевски

Акција на ОЈО ГОКК и МВР: Кај помошник-директор на Царината пронајдени 17.500 евра

„Горе не оди како што треба“ – Гоцевски открива што му кажал Глигоров уште во 1987 година