Утрински Весник
Македонија

Првиот министер за правда Туше Гошев: Со мудра политика дојдовме до независност без човечки жртви

Img 3750.jpeg

Првиот министер за правда во независна Македонија, Туше Гошев, гостуваше во специјалното издание на „Отворено студио“ на 4TV, посветено на 35-годишнината од независноста на државата. Тој се наврати на историските моменти од 1991 година, првите чекори кон самостојноста и предизвиците пред кои бил исправен првиот повеќепартиски парламентарен состав.

Гошев оцени дека 8 Септември претставува остварување на вековниот сон и желбата за сопствена држава, пренесувана низ генерации Македонци, а изразена преку Крушевската Република, АСНОМ и конечно потврдена со референдумското изјаснување во 1991 година.

Според него, уште со распишувањето на првите повеќепартиски избори во 1990 година, дел од кандидатите за пратеници влегле во политичкиот процес со јасна визија и желба Македонија да се конституира како самостојна и независна држава.

Тој потсети дека тоа бил период во кој југословенската федерација се распаѓала, а регионот се соочувал со сериозни политички и безбедносни превирања. Во такви околности, според Гошев, биле потребни мудри и вешти политички одлуки за Македонија да го изоди патот кон независноста без човечки жртви.

„Нашата желба беше дека ние треба на мирен начин, со вешта политика, со многу знаење за формирање на држава, а не да припаѓаме на онаа група која мислеше дека само со жртви се правела држава“, рече Гошев во „Отворено студио“ на 4TV.

Тој нагласи дека процесот не бил ниту едноставен ниту без спротивставени ставови. Во тогашниот политички амбиент постоеле различни размислувања за иднината на Македонија и нејзината позиција во однос на југословенската федерација.

Сепак, како што посочи Гошев, фокусот бил ставен на создавање модел кој ќе овозможи безбеден и мирен премин од федералниот систем кон суверена и независна македонска држава.

Токму мирниот пат кон независноста, според него, останува една од најзначајните придобивки од одлуките донесени во историските години кога се поставувале темелите на современата македонска држава.

Можете да прочитате

Огномет, илјадници граѓани на плоштад – спомените на Перо Камиказа од 8 Септември 1991

Како се раѓаше денарот – Трпески: ЈНА се уште беше во Македонија

Гоцевски за деновите на осамостојувањето: ЈНА беше подготвена, а Македонија немаше своја армија