
Референдумот за независност од 8 септември 1991 година не бил само македонска приказна што се одвивала во градовите и селата низ земјата. Историското изјаснување со големо внимание го следела и македонската дијаспора, а за случувањата и гласањето известувале и тогашните весници на Македонците во странство.
Дел од тие сведоштва и денес се зачувани во архивските изданија во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, која ја посети екипата на 4ТВ по повод 35-годишнината од независноста.
На страниците на старите весници можат да се пронајдат информации за тоа како Македонците во Канада и Австралија го следеле и учествувале во историскиот процес.
Еден од примерите е Македонската црковна општина „Свети Климент Охридски“ во Торонто. Според тогашните новинарски извештаи зачувани во архивата, таму гласале околу 12.000 Македонци.
Весниците известувале и за активностите на македонската заедница во Австралија. Гласање било организирано во Сиднеј и Мелбурн, каде што, според архивските записи, гласачките места биле отворени подолг временски период за да им се овозможи на што поголем број Македонци да го дадат својот глас.
Овие пожолтени веснички страници, повеќе од три децении подоцна, остануваат сведоштво за интересот што историското изјаснување го предизвикало и илјадници километри далеку од Македонија.
Од Скопје и другите македонски градови, па сè до Торонто, Сиднеј и Мелбурн, референдумот од 1991 година бил тема што силно ја мобилизирала македонската заедница и го насочила вниманието кон иднината на новата независна држава.



