Утрински Весник
Балкан

За една година Србија ќе произведува балистички ракети со долг дострел, најави Вучиќ

Vucic4.jpg

За една година Србија би требало да почне со производство на балистички ракети со голем дострел, најави српскиот претседател Александар Вучиќ на бизнис-форумот Србија–Узбекистан во Белград.

Вучиќ оцени дека двете земји можат да постигнат значајни резултати во одбранбената индустрија и додаде дека Србија е подготвена да соработува со Узбекистан и во производството на ракетни системи.

„За една година почнуваме со производство на балистички ракети со голем дострел и подготвени сме и во таа област да соработуваме со вас.“ рече тој.

Според Вучиќ, Србија веќе произведува ракети со краток дострел, а развојот на новите системи треба да биде показател за технолошкиот и индустрискиот напредок на земјата. Тој наведе и дека српската одбранбена индустрија добива трансфер на технологии од одредени држави, но истовремено им пренесува знаење и технологија на други партнери.

Засега не се објавени технички детали за планираните ракети, нивниот дострел, производителот, вредноста на проектот или рокот во кој системите би можеле да станат оперативни. Најавата се однесува на почеток на производството, а не нужно и на нивно непосредно воведување во вооружувањето на српската војска.

Во последниот период Србија засилено инвестира во сопствената воена индустрија. Вучиќ неодамна најави зголемување на производството на беспилотни летала, оклопни возила и артилериски и ракетни системи.

Можете да прочитате

Нарушувања на грчкиот воздушен простор од турски беспилотни летала и Ф-16

Во Тирана одржан 100-тиот граѓански протест против изградба на луксузно одморалиште во Зврнец и Сазан, најавена граѓанска непослушност

Експлозии одекнаа во центарот на Атина, бомби фрлени врз два бара