Утрински Весник
Магазин

Денеска е Меѓународен ден на писменост, 739 милиони возрасни лица немаат основни вештини

Knigi.webp.webp

Светот денеска го слави Меѓународниот ден на писменоста, а оваа година се навршуваат 60 години откако УНЕСКО го прогласи, а според најновите податоци, најмалку 739 милиони луѓе низ целиот свет се уште немаат основни вештини за писменост.

Оваа година, овој Ден се слави под слоганот „Писменост за луѓето, планетата и просперитетот“, со кој УНЕСКО ја означува важноста на писменоста за вклучување на луѓето во општеството, одржлив развој, можности за егзистенција и економски напредок.

Според најновите податоци објавени од УНЕСКО по повод овогодинешното одбележување, најмалку 739 милиони луѓе над 15 години во светот се уште немаат основни вештини за писменост.

Во исто време, четири од десет деца не го достигнуваат минималното ниво на способност за читање, додека 272 милиони деца и адолесценти беа надвор од училиште во 2023 година.

Централната прослава на Меѓународниот ден на писменоста се одржува денеска и утре во мексиканската федерална држава Чијапас, во организација на УНЕСКО и во соработка со Владата на Мексико, а на тој собир е планирано да се дискутира за напредокот и предизвиците во областа на писменоста и конкретните политики и решенија за нејзино подобрување низ целиот свет. Како дел од дводневната програма, ќе се одржи церемонијата на доделување на шест меѓународни награди на УНЕСКО за писменост, со кои се признаваат извонредни програми од различни делови на светот.

УНЕСКО истакнува дека е постигнат напредок во текот на изминатите шест децении, но дека писменоста останува основно човеково право и еден од клучните предуслови за мир и одржлив развој. Меѓународниот ден на писменоста е прогласен од УНЕСКО во 1966 година, а се слави на 8 септември со цел да се потсети меѓународната заедница на важноста на писменоста за поединците, заедниците и општествата.

Можете да прочитате

Специфични пет прашања околу тоа како детето си поминало на училиште

Бубрег од свиња пресаден кај Американец функционирал рекордни 271 ден

Изложба на олдтајмери во Кавадарци, најстарото возило е 98 години