Утрински Весник
Свет

Македонец убиен во Берлин – двајца го следеле, па отвориле оган

Img 3665.jpeg

Дваесет и седумгодишен маж од Македонија е застрелан и убиен во Берлин во раните утрински часови во понеделникот, јавуваат германските и албанските медиуми.

Убиството се случило околу 2:40 часот, на раскрсницата меѓу улиците „Планетенштрасе“ и „Зоненалее“, во берлинската населба Нојкелн.

Според информациите на берлинската полиција, кон 27-годишниот маж биле испукани повеќе куршуми. Тој бил тешко ранет, а полицајците и екипите на Итната помош веднаш започнале со реанимација. И покрај обидите да му го спасат животот, младиот човек починал на местото.

Регионалните медиуми пренесуваат дека жртвата потекнувала од Радуша. Според нивните информации, двајца мажи го следеле 27-годишникот, по што кон него биле испукани повеќе куршуми. Еден од проектилите, според медиумските извештаи, го погодил во пределот на главата.

Напаѓачите веднаш по пукањето побегнале и германската полиција сè уште трага по нив. Засега официјално не се соопштуваат информации за нивниот идентитет.

На местото на убиството бил извршен детален увид, при што истражителите ги обезбедиле и анализирале пронајдените чаури. Според медиумските информации, за детално документирање на местото бил употребен и 3Д-скенер.

Истрагата ја презела Петтата комисија за убиства при берлинската криминалистичка полиција, по налог на Обвинителството во Берлин. Мотивот за ликвидацијата засега останува непознат, а се испитува и можноста во нападот да биле вмешани повеќе лица.

Берлинската полиција во официјалното соопштение не го објавила идентитетот на жртвата, ниту дополнителни информации за можната заднина на убиството.

Можете да прочитате

Израелската војска принуди 1.200 Палестинци да ги напуштат домовите во Хеброн

Во судир на два воени авиони за време на тренинг лет на Филипините загинаа четири пилоти

Протести во Чешка поради промени во финансирањето на медиумите, демонстранти се обидоа да влезат во Парламентот