Утрински Весник
Македонија

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со добитниците на признанието „Инженерски прстен”

Foto 1 e1788609394731.jpeg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во вилата „Билјана” во Охрид оствари средба со добитниците на признанието „Инженерски прстен”. На средбата присуствуваа и министерот за дигитална трансформација м-р Стефан Андоновски, претседателот на Инженерската институција на Македонија, д-р Андреј Лепавцов и претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, м-р Дејан Метикош.

Претседателката Сиљановска-Давкова уште еднаш им го честиташе престижното признание на младите инженери, истакнувајќи ја важноста на нивното знаење, стручност и потенцијал за идниот развој на државата. За неа, особено е важно да  создаваме услови најуспешните млади кадри да го остварат својот професионален потенцијал во земјава.

На средбата, лауреатите информираа за нивните професионални планови, ги изложија своите критички видувања за состојбите во државата, а особено во високото образование, укажувајќи на потребата од подобри услови за работа и професионален развој на инженерите, како претпоставка за нивно задржување во земјава.

Во бурната дебата се предложи унапредување на законската рамка за високото образование, во смисла на посоодветна евалуација на исклучителните успеси при изборот и вработувањата на универзитетите, како и навремено обезбедување подмладок и соодветен кадровски потенцијал, односно избегнување на генерацискиот вакуум.

Беа отворени низа прашања и предложени соодветни одговори за: јавната архитектура, како значаен сегмент од уредувањето на просторот и создавањето квалитетна средина за живеење; дата центрите, односот кон завршените, но не и ефектуирани проекти; лоцирањето фото-волтаици на плодно земјиште; забрзаниот одлив на најдобрите македонски инженери и други врвни кадри во соседството.

На средбата се разговараше и за перспективите на дигиталната агрономија. Инженерката од областа на агрономијата ја истакна важноста на примената на современите дигитални технологии во земјоделството и можностите што оваа област ги отвора за младите, особено за зголемување на приносите во оваа дејност со оглед на тоа дека државава има голем потенцијал за развој на оваа област.

Се укажа на нужноста за премин и апликација на европските стандарди (еврокодови), во државната регулатива и македонската пракса.

Министерот Андоновски ја објасни офанзивата на дигитализацијата, а претседателот на Комората, Метикош, упати покана за експертски настан за примената на стандардите, којшто ќе се одржи на крајот на септември.

Младите инженери посочија дека се спремни да прифатат професионални позиции во земјава и превземање одговорност за нејзиниот технолошки развој.

На крајот од разговорот, претседателката Сиљановска-Давкова предложи воспоставување база на добитниците на признанието „Инженерски прстен”, која би овозможила подобро поврзување на успешните инженери и нивно вклучување во развојни процеси и проекти во различни инженерски области.

Таа, уште еднаш потенцираше дека знаењето, стручноста и иновативниот потенцијал на младите инженери се значаен ресурс за државата и дека нивното активно вклучување во образовниот, научниот и апликативниот технолошки процес е важна заедничка обврска на институциите, академската и професионалната заедница.

“Доколку сакаме развиена држава, мораме да им дадеме простор на младите инженери да создаваат тука”, истакна Претседателката.

Можете да прочитате

ДУИ: Албанците секаде исклучени, ВЛЕН молчи

За 24 часа уапсени 16 возачи

Свечено одбележанo завршувањето на реставрацијата на старата гевгелиска чаршија