Утрински Весник
Македонија

Левица: Седум починати за едно лето – западнонилската треска однесе рекорден број жртви, а ИЈЗ го прекина неделното информирање за епидемијата!

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

На ДПМНЕ очигледно му е полесно да престане да ја објавува статистиката отколку да објасни зошто Македонија за едно лето стигна до седум починати од западнонилска треска. Додека бројот на жртви продолжува да расте, 19 пациенти сè уште се хоспитализирани, а се појавуваат и нови случаи, последниот официјален неделен извештај на ИЈЗ и понатаму содржи податоци заклучно со 25 август – кога официјално беа регистрирани „само” пет починати.

И тука доаѓаме до Марија Андоновска. Во ваква состојба, кога Македонија за едно лето стигна до седум починати, директорката на Институтот за јавно здравје треба да биде првата што ќе внимава секој податок да биде навреме обработен, секој рок испочитуван и јавноста редовно информирана. 

Наместо тоа, неделниот извештај на ИЈЗ го НЕМА. Самиот Институт во сопствениот извештај наведува дека неделно изработува епидемиолошки извештај кој се објавува на неговата веб-страница. Значи, или Андоновска спие на функцијата додека роковите поминуваат и седуммина граѓани умираат, или податоците намерно се задржуваат од јавноста. Трето објаснување за тоа зошто ИЈЗ во екот на ваква епидемија престана да го објавува сопствениот неделен извештај – нема.

Наместо редовен официјален пресек од институцијата која е задолжена да ја следи епидемијата, треба едноставно да му веруваме на Сашо Клековски кога ќе одлучи да излезе пред камери и да ни соопшти дека бројот на хоспитализирани е 19. Во земја во која седуммина веќе починаа, епидемиолошкиот надзор очигледно се сведе на тоа доктор без лекарски стаж од време на време да ни каже по некоја бројка.

Во исто време, додека ИЈЗ го крие новиот целосен пресек за заболените луѓе, државата продолжува да добива нови сигнали дека вирусот активно циркулира. За само неколку дена биле пријавени повеќе од 130 угинати птици, а кај три угинати гаврани бил потврден вирусот на западнонилска треска – два во Скопје и еден во Ресен. Тоа е уште една потврда дека вирусот не исчезнува затоа што ДПМНЕ престанало да објавува неделни извештаи.

Уште од почетокот предупредувавме дека не е доволно државата да чека граѓани да завршат со енцефалитис или менингитис за да сфати дека има проблем. Со години борбата против комарците во Македонија се сведува на повремено прскање, додека никој суштински не се занимава со тоа каде се размножуваат, како се контролира нивната бројност и дали воопшто навремено се отстрануваат жариштата кои ги создаваат. ДПМНЕ не ја преспа само контролата на вирусот – ја преспа и најосновната превенција на терен. Каналите, запуштените водотеци и другите потенцијални жаришта за размножување на комарци не се појавија заедно со првиот заболен. Тие беа таму цела пролет и цело лето, додека институциите чекаа болниците да им кажат дека има проблем. А кога епидемијата веќе избувна, ДПМНЕ ни нуди прскања без објавени резултати за нивната ефикасност и лекции за тоа што да прават граѓаните со нивните вазни на гробишта.

Сега, кога резултатот од таа „превенција” е седуммина починати за едно лето, институциите што требаше да ја следат и објаснуваат состојбата престануваат редовно да ја објавуваат статистиката. Од првиот ран аларм во мај, преку епидемијата во Скопје, до седум човечки жртви – целата хронологија на западнонилската треска во Македонија е хронологија на пропуштено време, задоцнета реакција и институции кои секогаш имаат објаснување, но никогаш одговорност.

Можете да прочитате

Лефков: Филипче и талогот на СДС се против развој на индустријата со дата центри, а за ова дури и се разидоа и со свои сопартијци 

Тројца полицајци повредени во сообраќајка во Скопје

Уапсен скопјанец, пронајдени украдени пригушници од железничка пруга и вратени на „Железници“