
Трагедија на магистралниот пат Охрид-Кичево. Во тешка сообраќајна несреќа што се случила синоќа животот го загуби 33-годишниот Антонио Савески од Охрид, кошаркарски тренер кој работел со млади категории.
Несреќата била пријавена во СВР Охрид во 23:30 часот. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, патничко возило „хјундаи гец“ со охридски регистарски ознаки најпрво удрило во кучиња скитници, а потоа и во металните браници покрај патот, по што се запалило.
На местото интервенирала екипа на Територијалната противпожарна единица Охрид, која го изгаснала пожарот. Во опожареното возило било пронајдено телото на починатиот возач.
По наредба на јавен обвинител, телото било предадено на Судска медицина за обдукција и утврдување на идентитетот. Увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Охрид.
За време на увидот сообраќајот на магистралниот пат бил пренасочуван по регионалниот пат Охрид-Струга.
Во несреќата, според објавените информации, загинал 33-годишниот Антонио Савески, тренер во младинската школа на кошаркарскиот клуб Ангели.
Савески потекнувал од Охрид, каде што ги направил првите кошаркарски чекори, а подоцна се посветил и на тренерската работа. Работел со млади кошаркари и во школата на Водно Партизан.
Покрај големата љубов кон кошарката и работата со младите спортисти, Савески бил познат и како страстен колекционер на кошаркарски дресови. Во неговата колекција имало околу 500 дресови.



