Утрински Весник
Македонија

Граѓански организации бараат итно разрешување на директорот на АОПЗ, Далибор Китановиќ

756873089 10165739425488767 2305639442670720027 n.jpg

Осум граѓански организации упатија барање до претседателот на Владата на Република Северна Македонија за итно преиспитување на одговорноста и разрешување на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ.

Причина за барањето е јавно споделената објава на директорот во која, под пораките „За крст часни и слободу златну“ и „Генерали небеске војске“, се прикажани и величани личности поврзани со четничкото движење, меѓу кои Дража Михајловиќ и Ратко Младиќ, кој е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.

Граѓанските организации оценуваат дека ваквата објава не може да се третира само како приватен став, бидејќи доаѓа од носител на јавна функција кој раководи со институција задолжена за остварување, унапредување и заштита на правата на помалубројните заедници, вклучително и Бошњаците, Турците, Ромите, Србите, Власите и другите заедници.
„Од директорот на Агенцијата се очекува да придонесува кон меѓуетничката доверба, еднаквоста и заедничкото живеење. Величањето личности и идеологии поврзани со прогон, асимилација, воени злосторства и геноцид е неспоиво со мандатот и одговорноста на функцијата што ја извршува“, се наведува во барањето.
Организациите укажуваат и на положбата на вработените во Агенцијата кои припаѓаат на засегнатите заедници, поставувајќи го прашањето дали тие можат да се чувствуваат безбедно и достоинствено во работна средина предводена од директор кој јавно споделува вакви пораки.

Од Владата се бара да ја испита политичката, етичката и институционалната одговорност на Китановиќ, да донесе одлука за негово разрешување, да преземе мерки за заштита на вработените и јавно да се огради од величањето осудени воени злосторници и идеологии што поттикнуваат национална и верска омраза.
Воедно, од Јавното обвинителство се бара, по службена должност, да ја испита содржината и контекстот на објавата и да утврди дали постојат елементи на кривично дело согласно член 407-а од Кривичниот законик. Организациите нагласуваат дека оценката за евентуална кривична одговорност е исклучиво во надлежност на органите на прогонот и судот.

Барањето е доставено и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и до националниот координатор за меѓуетничка и меѓуресорска соработка, Салко Куч.

„Ова не е прашање на дневна политика, етничка припадност или приватно убедување. Ова е прашање на цивилизациски вредности, владеење на правото, почитување на жртвите и одговорност на носителите на јавни функции“, порачуваат потписниците.
Барањето го потпишаа претставници на НГО „Шадрван“, НГО „Диван“, Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, НГО „Диванхана“, НГО „Легис“, НГО „Смарт код“, Бошњачкиот национален совет и Бошњачката културна заедница.

Можете да прочитате

Градоначалник и раководител заработија кривична – спорни одобренија за фотонапонски панели

Тошковски за „Мазут“: Информациите ќе ја фрапираат јавноста кога ќе бидат објавени

19 пациенти со западно-нилска треска во болница, двајца се во тешка состојба на респиратор