Утрински Весник
Македонија

Тошковски: Конечно по 30 години од последниот упис, нова генерација на идни полициски службеници со Средно полициско училиште

7 4.jpg

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посети Полициската академија, каде што официјално започна наставата за 310 ученици од првата генерација на обновеното Средно полициско училиште „7 Мај”.

Со почетокот на новата учебна година, по три децении од последниот упис, Македонија повторно добива генерација ученици кои своето средно образование ќе го завршат со стекната професија полициски службеник.

Во рамки на посетата, министерот Тошковски свечено им ги врачи договорите за школување на првите десет кандидати и им посака успешен почеток на образовниот процес, нагласувајќи дека денешниот ден претставува значаен момент за Министерството за внатрешни работи и за иднината на македонската полиција.

„Први септември 2026 година. Конечно после 30 години од последниот упис во рамките на Средното полициско училиште во Македонија, имаме нова генерација на идни полициски службеници, коишто ќе имаат своја професија ‘полициски службеник’ во Македонија со завршено Средно полициско училиште за две години отсега. Нека им е честито на сите дечиња коишто се запишаа во рамките на Средното полициско училиште”, истакна министерот Тошковски.

Тој потенцираше дека во следните две години учениците ќе поминат низ образовен процес во кој, покрај нивната лична посветеност и труд, значајна улога ќе имаат професорите, менторите и едукаторите кои ќе бидат вклучени во нивното образование и професионално оспособување.

„Сигурен сум дека за две години отсега, со посветена и макотрпна работа, со трудот којшто ќе биде даден и од страна на професорите и од страна на менторите и од страна на сите оние едукатори коишто ќе бидат вклучени во процесот, а најмногу од страна на учениците, ќе можеме да се гордееме со нова бројка на полициски службеници коишто имаат завршено Средно полициско училиште”, рече Тошковски.

Министерот упати благодарност до сите кои во изминатиот период беа вклучени во процесот за повторно воспоставување на Средното полициско училиште.

„Огромна благодарност уште еднаш до сите оние коишто макотрпно работеа во изминативе две години денеска да го дочекаме овој ден после 30 години во Македонија, повторно да имаме државно Средно полициско училиште”, порача Тошковски.

Повторното воспоставување на Средното полициско училиште „7 Мај” е дел од процесот на јакнење на кадровските и образовните капацитети на Министерството за внатрешни работи, со цел создавање нови генерации професионални, обучени и одговорни полициски службеници подготвени да одговорат на современите безбедносни предизвици и да им служат на граѓаните и државата.

Можете да прочитате

Граѓански организации бараат итно разрешување на директорот на АОПЗ, Далибор Китановиќ

Градоначалник и раководител заработија кривична – спорни одобренија за фотонапонски панели

Тошковски за „Мазут“: Информациите ќе ја фрапираат јавноста кога ќе бидат објавени