
Соопштение за јавност на Левица:
Објавата дека Левица „не гласала за помош на онколошките пациенти” е груба и проверливо неточна манипулација. Левица гласаше ЗА првичната одлука за финансиска помош на онколошките пациенти, а гласаше и ЗА последната измена со која се обезбедуваат дополнителни средства поради големиот број поднесени барања. За ова постои јавно достапен запис од седниците на Советот. Левица отсекогаш се залагала за помош на онколошките пациенти на локално и централно ниво – дури и кога Власта била против.
Го демантираме и тврдењето на Орце Ѓорѓиевски дека советници на Левица на Комисијата за социјална, детска и здравствена заштита се жалеле на зголемувањето на средствата за онколошките пациенти. Членовите на комисијата и сега, и секогаш претходно, гласале ЗА оваа иницијатива и на самата комисија.
Советничката група на Левица не само што ја поддржа иницијативата за еднократна финансиска помош кога беше прв пат предложена од опозицијата, туку ја поддржа и измената со која се обезбедуваат дополнителни средства за поголем број пациенти. Советничката на Левица, Катерина Јовановска, од говорницата експлицитно кажа дека Левица ќе даде поддршка за точката и потсети дека Левица гласала за првичната одлука и дека ќе гласа и за новата измена.
Јовановска дури и посочи дека е неприфатливо Град Скопје на онколошките пациенти да им доделува само симболични 6.000 денари, особено кога една скопска општина обезбедува по 30.000 денари за пациенти со ваква тешка дијагноза. Нашата позиција беше јасна: не дека треба да има помалку средства или помалку опфатени пациенти, туку дека Град Скопје треба да обезбеди значително поголема финансиска поддршка по пациент.
Особено е безобразно што ДПМНЕ се обидува барањето за поголема помош да го претстави како противење на помошта. Левица не се жалеше што повеќе онколошки пациенти ќе бидат опфатени со програмата. Напротив, Левица укажа дека не е доволно да се фалите дека „никого нема да изоставите”, ако на секој пациент му давате симболични 6.000 денари.
Затоа, Орце Ѓорѓиевски нека престане да ја злоупотребува темата на онколошките пациенти за дневнополитички напади врз Левица. Левица гласаше ЗА финансиска помош за онколошките пациенти и ЗА сите измени со кои се обезбедуваат дополнителни средства. Нашата критика беше и останува дека помошта од 6.000 денари е недоволна и дека Град Скопје мора да одвои повеќе средства за секој онколошки пациент.


