Утрински Весник
Македонија

Почна учебната година: 238.000 ученици во клупите, но 26 училишта остануваат затворени

A43da319 ba29 434f 925c 230c36dee82e 1024x762 1.jpeg

Денеска започнува новата учебна 2026/2027 година. Училишните клупи низ Македонија повторно се полни, а наставата ја започнуваат околу 238 илјади ученици, од кои 174 илјади се основци, а 64 илјади средношколци.

Посебен ден е за 14.952 првачиња, кои денеска за првпат го минуваат училишниот праг и го започнуваат своето образование.

Од Министерството за образование и наука информираат дека учебниците се обезбедени за сите ученици. За новата учебна година се набавени 622 илјади учебници.

Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, при набавката на учебниците се остварени заштеди од околу 50 милиони денари во споредба со периодот пред таа да го преземе раководењето со Министерството.

Целосно нови учебници во полн тираж се обезбедени за учениците од прво, второ и трето одделение, каде што учебниците содржат и работни листови. Нови учебници има и за осмо одделение и за втор клас во гимназиското образование, каде што се применуваат нови наставни програми.

Новата учебна година носи промени и во организацијата на наставата. Во 620 од вкупно 1.023 училишни објекти во основното и средното образование ќе се реализира едносменска настава.

Според Јаневска, целта на ваквата организација е учениците да имаат поголема концентрација за време на наставата, повеќе можности за социјализација, но и доволно време во училиштето за совладување на наставниот материјал и стекнување соодветни вештини.

Истовремено се работи на проширување на капацитетите на 14 училишта во Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Бутел, Илинден, Гази Баба и Градско. Во следните неколку месеци е најавен почеток на уште 15 проекти.

Завршени се реконструкции во околу 20 училишни објекти и спортски сали, а во тек е изградба на четири нови спортски сали. Преку владината програма за капитални проекти во општините се реализираат уште 50 инвестиции за изградба и реконструкција на училишта, спортски сали и училишни базени.

За учениците со посебни образовни потреби годинава се ангажирани 1.358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование.

Учениците кои подолг период се на болничко или домашно лекување и понатаму ќе имаат можност онлајн да се вклучат во наставата со својот клас или наставникот индивидуално да работи со нив.

Но, новата учебна година повторно го отвора и прашањето за намалувањето на бројот на ученици. Поради тоа што немаат запишано ученици, од септември привремено се затвораат 26 подрачни училишта.

Во земјава во моментов има вкупно 148 празни училишни објекти, најголем дел во руралните средини.

Паралелно продолжува и оптимизацијата на паралелките. Со спојување на малите паралелки, во учебната 2026/2027 година ќе има вкупно 433 паралелки помалку – 222 во основното и 211 во средното образование.

Учебната година за најголемиот дел од учениците ќе трае до 10 јуни 2027 година, додека за матурантите наставата ќе заврши на 17 мај.

Можете да прочитате

92,7 милиони денари за реконструкција на Клиниката за физикална медицина: се модернизира здравствената инфраструктура

Тошковски: Конечно по 30 години од последниот упис, нова генерација на идни полициски службеници со Средно полициско училиште

МВР потврди дека Симеон Михаилов се уште се бара