
Соопштение за јавност на ЛДП:
По серијалот на контрадиктрони изјави на премиерот, Либерално-демократската партија (ЛДП) прашува: на кој Христијан Мицкоски треба да му веруваат граѓаните?
Дали на оној Премиер кој во април јавно призна дека на неговиот сопствен вицепремиер Арбен Фетаи повеќе не му се работи во Владата и не му се живее во Македонија, па му овозможи на државна сметка и плата да замине за Брисел како „специјален претставник”? Или пак, треба да му веруваме на истиот тој Премиер кој сега, во август, изјавува дека бил „најсреќен” кога на македонските граѓани им се затегнуваат условите за американски визи, за демек така да се спречело нивното иселување?
Не може да биде точно и едното и другото. Дали Мицкоски беше искрен во ТВ интервјуто во април кога со разбирање говореше за неодговорните функционери што бегаат од земјата, или е искрен во август кога им се радува на административните иселенички рампи за обичните граѓани? Или не бил искрен ниту тогаш, ниту сега? Или, пак, има толку лоши советници за односи со јавноста што го доведуваат во ситуација пред граѓаните да изгледа како тотален хипокрит?
Да излезете со вака длабоко спротивставени ставови во рок од само неколку месеци е сериозно загрижувачки за некој што ја води државата.
Државната политика за спречување на иселувањето не се води со радост за туѓите визни ограничувања, туку со создавање услови дома. Младите и семејствата не остануваат затоа што некој им ја затворил вратата надвор, туку кога овде ќе добијат подобри плати, квалитетни јавни услуги, подобро здравство и образование, и пред сѐ — институции на кои можат да им веруваат. И да, кога ќе видат дека законите важат за државните функционери – сите закони, и за работни односи, и за платите, и Кривичниот Законик. Без исклучок!
За функционерите на Владата очигледно секогаш има обезбедено државен билет и народно платена позиција во Брисел, додека за граѓаните и младите, премиерот Мицкоски нуди само желби и радости за затворени граници. Оваа хипокризија мора да престане — Владата треба да почне да работи на подобрување на животот во Македонија, наместо да ја прикрива сопствената неспособност зад визните политики на други држави и зад неказнивоста.


