
Министерството за здравство пушти во функција нова веб-платформа посветена на следење на состојбата со западнонилската треска, на која граѓаните можат да видат каде се регистрирани заболени лица, но и кои локации се означени како потенцијални или детектирани легла на комарци.
Според последно објавените податоци, годинава во Македонија се регистрирани 53 случаи на западнонилска треска. Од нив, 21 пациент е хоспитализиран, додека пет лица починале. Стапката на регистрирани случаи изнесува 2,7 на 100.000 жители.
Посебно внимание привлекува состојбата во Скопје. На мапата поплавените подруми и шахти во Аеродром, Ново Лисиче и Чаир се означени како високоризични подрачја за размножување на комарци во текот на целата година.
На платформата healthalert.mk се објавуваат податоци за бројот на заболени, потенцијалните и детектираните легла на комарци, како и активностите преземени за нивно сузбивање. Достапни се информации за локациите и датумите на извршената дезинсекција, како и за средствата што биле употребени.
Мапата овозможува да се следи и бројот на засегнати општини, како и распределбата на регистрираните случаи по општини и населени места.
Податоците покажуваат значителни разлики во активностите на локалните самоуправи. Во Општина Аеродром се регистрирани четири заболени лица, како и уште еден случај во Долно Лисиче. Сепак, според информациите објавени на платформата, и покрај прогласената епидемија, не било спроведено вонредно прскање против комарци.
Во Чаир се регистрирани два случаи, а во и околу општината се идентификувани повеќе високоризични места за појава на комарци. Според објавените податоци, ниту таму годинава не е извршено прскање против комарци.
За споредба, во Општина Илинден се регистрирани тројца заболени во периодот од април до јули, а дезинсекција против комарци била спроведена петпати.
Мапата открива и низа други локации оценети со висок или многу висок ризик. Меѓу нив се септичките јами и стоечката вода во Шуто Оризари, рибниците и наводнителните базени во Кадино и Мралино, реката Серава во Радишани, Љубанци и Бутел, како и подрачјата низводно кај Арачиново, Мојанци и Орланци.
Како ризични точки се наведуваат и Отовица, колекторите и лагуните за отпадни води, одводните канали во Јурумлери, Стајковци и Сингелиќ, каналите во Драчево и Ќојлија, Маркова Река во Драчево и Усје, Катлановското Блато и Бања Катланово, како и каналите во Батинци, Студеничани и Долно Количани.
Меѓу потенцијалните жаришта е и главниот канал за наводнување во Скопско Поле, на потегот Илинден – Кадино – Марино.
Езерцата во Градскиот парк се оценети со среден ризик. Според објаснувањето на платформата, тие сами по себе претставуваат послаб извор, но доколку пумпите престанат да работат во период од осум до десет дена, може да се создадат услови за развој на цела генерација комарци. Како дополнителен фактор се посочува присуството на птици, кои можат да бидат домаќини во циклусот на пренесување на вирусот, како и големата фреквенција на луѓе во Градскиот парк.
Платформата содржи и информации за видовите комарци детектирани на одделни локации, а ризикот е категоризиран како низок, среден, висок или многу висок.
Последното ажурирање на податоците, според платформата, било направено вчера во 16:45 часот. Доколку информациите редовно се дополнуваат, мапата може да претставува значајна алатка и за информирање на граѓаните и за следење на активностите што ги преземаат надлежните институции.


