
Соопштенние на Левица:
Во Македонија граѓаните добиваат сметка за струја секој месец и броилото мора секогаш да им е отчитано секој месец. Кога нема отчитување, фактурата може да биде изработена врз основа на претпоставена потрошувачка, а вистинската состојба да се порамнува подоцна.
Значи, ЕВН може да не знае точно колку струја сте потрошиле, но сепак, паушално, по претпоставка, да ви фактурира одреден износ.
Токму овој апсурд ДПМНЕ не само што не го отстрани со новата енергетска регулатива, туку го остави да функционира и во 2026 година. Новите Правила предвидуваат месечен пресметковен период, додека за голем дел од домаќинствата операторот е должен да обезбеди реално отчитување најмалку еднаш во три месеци. Кога нема мерење, правилата дозволуваат фактурирање според претпоставена потрошувачка со последователно порамнување.
Со други зворови, сметката е задолжително месечна, но точната состојба – не.
И ова се случува откако Министерството за енергетика под власта на ДПМНЕ во 2025 година го рекламираше новиот Закон за енергетика со ветување дека паушалните сметки ќе станат минато. Една година подоцна, паушалните сметки не заминаа никаде. Наместо да ги укинат условите што ги создаваат, власта и РКЕ оставија пропис според кој фактурата и понатаму може да се темели на претпоставка.
А ЕВН, како и секогаш, поминува без последици. Кога граѓанинот ќе задоцни со плаќање, системот веднаш знае да пресмета долг, камата, рок, ќе му исклучи струја. Кога ЕВН нема да го отчита броилото, нема никаква санкција за монополот, туку има повторно казна во вид на проценка за граѓанинот. Кога проценката ќе биде погрешна, ЕВН не трча по шалтери, не пишува приговори и не чека корекција. Тоа повторно го прави граѓанинот.
Така функционира оваа добро подмачкана спрега – ЕВН не ја врши навреме сопствената работа, РКЕ му остава простор недостатокот да го претвори во паушална фактура, а ДПМНЕ се преправа дека не го гледа проблемот. Приватниот монопол ја задржува сигурната наплата, институциите му обезбедуваат нормативен чадор, а финансискиот ризик завршува кај домаќинството.
Народниот правобранител бележи поплаки за високи паушални сметки и нередовно отчитување, до РКЕ стигнуваат стотици жалби, а самата РКЕ има документирано и случај во кој броило не било отчитано со години. И после сето тоа, нема пресекување на моделот, казни за операторот, нема правило дека ако не си измерил не можеш да си измислиш основица за наплата.
Левица бара:
Крај на паушалното факттурирање како редовна практика.
Месечната сметка мора да се темели на реално утврдена состојба – со физичко, далечинско или валидно самоотчитување. Проценката може да постои само како строго ограничен исклучок, а не како покритие за тоа што операторот не си ја завршил работата.
Автоматски пенали за ЕВН кога по негова вина нема отчитување.
Ако граѓанинот доцни со плаќање, последиците се автоматски. Истото мора да важи и за монополот. Неотчитано броило по вина на операторот не смее да произведува дополнителен финансиски товар за потрошувачот.
РКЕ да престане да биде адвокат на монополот и да почне да биде регулатор.
Да се спроведе вонреден надзор над Електродистрибуција и ЕВН Хоум и јавно да се објавува колку сметки месечно се издаваат по реално отчитување, колку по проценка, колку се коригираат и колку приговори на граѓаните се уважуваат.
Строг рок за паметни броила за сите домаќинства.
ЕВН да добие обврзувачка динамика за нивна инсталација, со јавно следење на реализацијата и без модернизацијата повторно да се претвори во изговор трошокот да се префрли преку повисоки тарифи врз истите граѓани.
Отворање постапка за ренационализација на дистрибутивната мрежа.
После години во кои приватниот монопол има сигурна наплата, а граѓаните немаат ни гаранција за реална месечна состојба, мора да се отвори прашањето за враќање на стратешката електроенергетска инфраструктура во јавна сопственост и под јавна контрола.
Не може ЕВН да има монопол врз дистрибуцијата, монопол врз наплатата и уште привилегија сопствениот пропуст да го фактурира на граѓаните.


