Утрински Весник
Македонија

Филипче: На Мицкоски му треба алиби за избори затоа што сè во државата е заглавено и нема резултати

Venko filipche sdsm 2.jpeg

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска порача дека СДСМ е подготвен за избори кога и да се одржат, но нема да биде алиби за предвремени избори на Христијан Мицкоски, на кого му се потребни избори затоа што власта нема резултати, а државата е заглавена.

„Кажавме дека нема да бидеме алиби за предвремени избори на премиерот Христијан Мицкоски. Очигледно е дека единствениот параметар којшто него го тера да бара избори е тоа што повеќе нема пари во буџетот за неговите криминални тендери”, рече Филипче.

Тој посочи дека власта нема резултати во ниту една клучна област и дека последиците од лошото управување директно ги чувствуваат и граѓаните и компаниите.

„Нема ниту еден резултат. Нема никакви резултати во економијата, во образованието, во земјоделството, во социјалата. Едноставно сè во државата е застанато. Луѓето немаат пари. Огромни се долговите кон компаниите. Близу 200 милиони евра се должи за поврат на ДДВ”, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ додаде дека компаниите се соочуваат со проблеми со ликвидноста, има отпуштања на работници, пад на странските инвестиции и на индустриското производство.

„Гледаме како е падот на странските инвестиции, има пад на индустриското производство. Еден тотален непрофесионален начин на водење на државата, комплетна незаинтересираност за било што добро за државата и за граѓаните”, рече Филипче.

Филипче потенцираше дека СДСМ е подготвена за изборите која и да се одржат, уште утре.

„Ние за избори сме спремни. Утре да се случуваат, за утре сме спремни за изборите и со тимот и со програмата, со Мастер планот за Македонија и Договорот со граѓаните којшто ќе го презентирам во текот на септември. За избори сме спремни кога и да бидат. Ама нема да бидеме алиби. Христијан Мицкоски има две третини во Собранието, апсолутна власт. Може да распише избори кога сака. Зошто му е СДСМ сега? Зошто му е? Не навлегуваме во таа игранка. Човекот ќе распише избори кога повеќе нема да има пари, а пари снемуваат сè повеќе и повеќе”, рече Филипче.

Тој најави дека Мастер планот ќе содржи шест јасно дефинирани точки за иднината на државата, зајакнувањето на системот и благосостојбата на граѓаните.

„Шест точки јасно, добро дефинирани, да знаат граѓаните за што ќе гласаат кога и да се случат следните избори”, додаде претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Можете да прочитате

МЕРМС: Стабилна наплата на концесиските надоместоци, во вториот квартал наплатени речиси 300 милиони денари

Собраниска делегација во набљудувачка мисија на изборите во Казахстан

Го излажала партнерот од Косово дека е бремена и „заработила“ 18.000 евра