Утрински Весник
Македонија

Шест активни пожари низ државата и три под контрола

Pozar dojransko.jpg

Активни се шест пожари низ државата во моментов, а три се под контрола, соопшти Центарот за управување со кризи, информирајќи за денешните регистрирани пожари на отворен простор до 13 часот.

Од активните, мешана шума гори во општина Студеничани, во регионот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер. Ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки горат во општина Македонски Брод, место викано „Видуш“, кај селата Драгов Дол и Локвица. Ниска вегетација и ретка дабова шума горат во општина Велес, село С’лп, место викано „Горно Село“. Шума гори во општина Јегуновце, во подрачјето на селата Копанце и Туденце, со ширење кон скопско Бојане. Во општина Бутел, село Визбегово, опожарени се ниска вегетација и ѓубриште. Последниот активен пожар е на територија на општина Маврово-Ростуше, во регионот на селото Бибај, каде гори зимзелена шума – ела.

Во општина Крушево три пожари се под контрола. Првиот, на територија на селата Борино и Житоше, каде опожарени се ниска вегетација и деградирана дабова шума. Вториот, во подрачјето на селата Алданци и Норово, каде опожарени се ниска вегетација и нискостеблеста деградирана дабова шума. Третиот е во село Селце, каде опожарени се ниска вегетација и деградирана шума.

Во текот на денешниот ден имало и еден изгаснат пожар на битолска територија, во регионот на село Нижеполе, каде гореле ниска вегетација и бандера.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска изјави дека во текот на вчерашниот ден имало 27 пожари на отворен простор.

– Ако се земе предвид дека во одредени делови во државата, вчера имавме локални врнежи, оваа бројка сè уште е алармантна – истакна Ангелов.

Тој ги повика сите доброволни пожарникари да ги следат пожарите во нивната околина и доколку проценат дека некаде може да им дадат поддршка на професионалните пожарникари, да му се обратат нему за да ги ангажира преку тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување. 

Можете да прочитате

Земјотрес попладнево ја стресе Македонија

Мицкоски за посетата на Белгија: Тоа беше научнообразовна екскурзија

Уапсен возач од Германија на автопат возел над 200 км/ч