Утрински Весник
Македонија

Нубаја Гарсија и Питер Сомуа вечерва на „Џез вечерите“ на „Охридско лето“

20260815092311 big 730x400 90.webp.webp

Една од водечките фигури на новата британска џез-ренесанса, саксофонистката и композиторка Нубаја Гарсија и западноафриканскиот трубач Питер Сомуа со својот состав вечерва се главните имиња на третата „Џез вечер“ што се одржува во рамки на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.

За двата концерта резервирана е фестивалската сцена „Долни Сарај“, а вечерта ќе ја отвори Питер Сомуа Груп од Гана и Холандија во 20 часот, по што во 21:30 часот ќе настапи Нубаја Гарсија со својот квартет од Велика Британија. Билетот важи за двата концерта.

Нубаја Гарсија, која важи за една од предводничките на новата генерација лондонски џез-музичари, со својот препознатлив авторски израз ги поврзува современиот џез, карипските музички традиции, афробитот, дабот и електронските влијанија. Нејзината музика тешко може да се смести во една жанровска рамка, бидејќи во неа се преплетуваат џез, класика, даб, Р&Б и други музички насоки.

Родена во Лондон, Гарсија растела проучувајќи го џезот под водство на познатата пијанистка Ники Јео во „Камден мјузик“. Нејзиниот музички пристап, сепак, се развивал во поширока креативна насока, поттикнат од желбата да истражува различни дисциплини и да не се ограничува со однапред поставени жанровски рамки.

На сцената „Долни Сарај“ Гарсија ќе настапи со Лајл Бартон на клавијатури, Макс Лутерт на контрабас и Сем Џонс на тапани.

Нејзиниот втор албум „Odyssey“, објавен во септември 2024 година преку „Concord Jazz“, претставува спој на оркестарски аранжмани со Р&Б, џез, брокен бит и даб, создавајќи грандиозен и нијансиран звук кој постојано го следи ритамот.

Гарсија на меѓународната сцена се афирмираше со деби-албумот „Source“ од 2020 година, исто така објавен преку „Concord Jazz“. Албумот доби големи критички признанија, меѓу кои NPR Tiny Desk (Home) концерт, признание од „Pitchfork“ како „Најдобра нова музика“ и издвојување од „Rolling Stone“ како „Албум на месецот“.

„The New York Times“ го опиша „Source“ како сеопфатен џез-албум со афро-карипски влијанија, кој животните искуства ги претвора во едночасовно слушање. Албумот се пласираше во Топ 30 на британските топ-листи, а Гарсија беше една од трите уметници избрани за настап во живо на „Experience 2020“ во Гластонбери, кој беше емитуван на BBC пред илјадници гледачи. „Source“ беше номиниран и за престижната награда „Mercury“.

Во 2022 година Гарсија имаше турнеја низ САД со поддршка на „Khruangbin“, при што настапуваше пред распродадена публика во „Radio City Music Hall“ во Њујорк, „Ryman“ во Нешвил и „Met“ во Филаделфија. Подоцна ја предводеше и сопствената турнеја низ Велика Британија и САД, со настапи на фестивалите Glastonbury, Love Supreme, Pickathon и Newport Jazz.

Гарсија продолжува да настапува низ целиот свет, а остварува соработки и со големи брендови како Lululemon, Paul Smith, Labrum, Nicholas Daley и Burberry. Беше меѓу тројцата креативци избрани за кампањата „Moment In Time“ на Fossil, која глобално беше објавена во „Vogue“, „GQ“ и „Glamour“. Нејзиното име и работа се појавувале и во публикации како „Mojo“, „Vogue“ и „Ebony“.

Како композиторка, Гарсија има оригинална музика објавена во продукции на Apple TV, меѓу кои „Ted Lasso“, на OWN Network во „Cherish The Day“, на FX во „Atlanta“, како и во видео-играта „Fortnite“. Нејзината музика е присутна и во повеќе поткасти, вклучувајќи ја и тематската мелодија за наградуваниот Clio поткаст на Аника Нони Роуз „Being Seen“.

Пред настапот на Гарсија, на сцената „Долни Сарај“ ќе настапи Питер Сомуа со својот состав од Гана и Холандија. Сомуа ќе свири труба и е водач и композитор, а со него ќе настапат Антон де Бројн на клавијатури, Марејн ван де Вен на бас, Јенс Мајер на тапани и Дени Ромбаут на перкусии.

По потекло од Акра во Гана, а денес со седиште во Ротердам, Питер Сомуа во својата музика ги поврзува различните култури и континенти. Неговиот пристап кон џезот е изграден врз широк спектар музички влијанија, со силно присуство на западноафриканските музички традиции.

Неговиот најнов албум „Walking Distance“, објавен во март 2026 година за „ACT“, токму ги истражува музичките влијанија што, и покрај географската оддалеченост, можат да бидат „на чекор“ едни од други.

Сомуа својата техника ја развивал слушајќи ги трубачките великани Мајлс Дејвис, Фреди Хабард и Рој Харгроув. Препознатлив е по топлиот и меланхоличен звук и по ритмичката вештина која ги одразува музичките стилови од Западна Африка со кои растел.

Во 2022 година Сомуа ја освои престижната награда „Едисон Џез“ за својот прв албум „Outer Space“. Во деби-албумот „Писмо до универзумот“ од 2023 година, објавен за „ACT“, тој ги спои своите различни музички влијанија во космополитска музичка целина, за која германскиот весник „Зидојче цајтунг“ оцени дека покажува „доказ за сложеноста на џезот како светски јазик“.

Со албумот „Хајлајф“, објавен во ноември 2024 година, Сомуа се враќа кон своите корени и кон музиката од неговата татковина. Хајлајфот, кој го запознал уште во детството, е еден од клучните елементи во неговиот музички израз и претставува традиција што ја поврзува неговата африканска културна припадност со современиот џез.

Вечерашната програма е дел од првото издание на „Џез вечери“, нова програмска целина на „Охридско лето“, која од 13 до 16 август носи шест концерти на музичари од Македонија, САД, Германија, Грција, Гана, Холандија и Велика Британија.

По вечерашните настапи, „Џез вечерите“ на „Охридско лето“ ќе завршат утревечер, 16 август, со концерт на британскиот состав „Kiiōtō“ на „Долни Сарај“.

Можете да прочитате

Родители се степале откако дете било удрено со пластично шише

Левица: Две години Министерството за култура и туризам нема буџет за поддршка на преводи на македонски книги на странски јазици

Охриѓанка приведена, ја нападнала 72-годишната свекрва