
Еквадорската полиција заплени голема пратка од 369 килограми кокаин во близина на границата со Колумбија, а вниманието го привлече необичниот начин на кој биле означени дел од пакетите со дрога – со фотографии од светските фудбалски ѕвезди Ерлинг Халанд и Лионел Меси.
Според информациите на полицијата, при акцијата бил запрен сомнителен камион во близина на градот Тулкан. При деталниот преглед на возилото биле откриени 370 пакувања со кокаин, сокриени во специјално изменет дел од камионот.
На дел од пакетите бил поставен ликот на норвешкиот голгетер Ерлинг Халанд, додека на други имало ознаки со трофејот и топка од Светското првенство.
Меѓу запленетата дрога полицајците пронашле и пакет на кој биле испишани името и ликот на аргентинскиот капитен Лионел Меси.
Засега не е соопштено зошто токму ликовите на двајцата познати фудбалери биле употребени на пакетите. Ваквите ознаки, сепак, можат да се користат од криминалните групи за разликување и идентификација на различни пратки.
Возачот на камионот бил уапсен, а надлежните органи продолжуваат со истрагата за да го утврдат потеклото на дрогата, нејзината крајна дестинација и лицата вмешани во шверцот.


