
Германската полиција денеска соопшти дека уапсила 33-годишен државјанин на Украина, осомничен дека снимал погон на еден производител на оружје во Баварија со цел подготовка на можни саботажи, по налог на странска разузнавачка служба.
Како што соопшти полицијата на сојузната покраина Баварија, осомничениот, чиј идентитет не е објавен, е уапсен на 2 август во сојузната покраина Тирингија.
Истражителите се сомневаат дека тој делувал како таканаречен „агент од пониско ниво“ во корист на разузнавачка служба на странска држава.
Според полицијата, осомничениот во јуни оваа година ги снимал објектите на баварскиот производител на оружје, а потоа снимките им ги понудил на своите налогодавачи.
Судот му одреди притвор каде ќе остане до почетокот на судењето.
Истрагата се води во рамките на новиот Национален центар за координација на одбраната од хибридни напади, кој во Германија почна со работа во јуни. Центарот е дел од германските мерки за спротивставување на, како што наведуваат властите, растечката закана од саботажи, шпионажа и кампањи за дезинформирање, за кои Берлин посебно ја обвинува Русија.


