Утрински Весник
Магазин

Жед, слабост и главоболка: Не ги игнорирајте предупредувањата на телото во жешките денови

Screenshot 2026 07 31 172756.jpg

Високите температури во текот на летото може сериозно да го оптоварат организмот, особено при подолг престој на сонце, физичка активност или недоволно внесување течности. Дехидрацијата може да се развива постепено, а доколку не се препознае навреме, може да доведе до топлинска исцрпеност, па дури и до топлотен удар – состојба која бара итна медицинска помош.

Лекарот по семејна медицина Јуха Хеино за финскиот портал „Ilta-Sanomat“ објаснува дека почетните знаци на дехидрација понекогаш не се веднаш очигледни. Меѓу симптомите може да се појават слабост, губење на апетитот, гадење, а во посериозни случаи и конфузија.

Како што организмот губи течности, способноста за потење може да се намали. Тоа претставува проблем бидејќи потењето е еден од главните механизми преку кои телото ја регулира својата температура. Кога нема доволно течност, природното разладување станува потешко.

Следната фаза може да биде топлинска исцрпеност, која најчесто се манифестира со изразена слабост, силна жед, главоболка и други тегоби. Кај полесните случаи важно е лицето да се премести на поладно место, да мирува и да внесува течности.

Најопасната состојба е топлотниот удар. Тогаш телото веќе не успева ефикасно да ја регулира температурата, која може да достигне околу 40 степени или повеќе. Може да се појават конфузија, гадење, промени во дишењето и пулсот, а во најтешките случаи и губење на свеста.

При сомнение за топлотен удар потребна е итна медицинска помош, бидејќи состојбата може да биде опасна по живот.

Еден едноставен показател за хидратацијата е и бојата на урината. Темна урина и намалено мокрење може да укажуваат дека организмот има потреба од повеќе течности, иако бојата може да биде променета и од лекови, храна или други фактори.

Сепак, ниту со водата не треба да се претерува. Внесувањето екстремно големи количества за краток период во ретки случаи може да предизвика опасно намалување на натриумот во крвта, познато како хипонатремија.

Како општа ориентација, американските Национални академии наведуваат адекватен вкупен дневен внес на вода од околу 3,7 литри за мажи и 2,7 литри за жени. Во овие количества се вклучени не само водата и другите пијалоци, туку и течностите што ги добиваме преку храната.

Потребите, сепак, се индивидуални и зависат од температурата, физичката активност, возраста, здравствената состојба и други фактори. За време на големи горештини и засилено потење потребата за течности може значително да се зголеми.

Можете да прочитате

Дали навистина постои разлика помеѓу фактор 30 и фактор 50?

Пет начини да се разладите без клима уред

На 12 и 13 септември ВМ Класик Рели – Запад