Утрински Весник
Македонија

Бид Бук не е дозвола за набавка без тендери туку проектна апликација – Мицкоски ја манипулира јавноста за „Скопје 2028″

Levica.jpg

Соопштение на Левица:

Изјавата на Христијан Мицкоски за спорниот Предлог-закон спроведување на проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028 година” отвора само две можности, или некој сериозно го дезинформира премиерот за содржината или премиерот свесно ја манипулира јавноста откако Владата беше разобличена во намерата преку овој закон да воспостави паралелен систем за трошење на јавни пари.
 
Никој не спори дека проектот „Европска престолнина на културата” е започнат пред повеќе години, ниту дека Скопје има обврски кои произлегуваат од добиената титула. Спорно е исклучиво решението што Владата го предложи, формирање фондација која ќе располага со стотици милиони денари јавни средства, а притоа ќе биде изземена од правилата што важат за државните институции и ќе има посебен режим за јавните набавки.
 
Премиерот тврди дека тоа било „согласно праксата на Европската Унија”. Нека посочи само еден пример каде Европската Унија бара или препорачува држава да формира фондација со посебен закон и со исклучоци од редовниот систем на јавни набавки за реализација на проектот „Европска престолнина на културата”. Таква пракса не постои.
 
Она на што се повикува премиерот е таканаречениот Bid Book (Бид бук), а не некаква европска директива или обврзувачки документ. Бид бук е кандидатската апликација со која градот конкурира за титулата „Европска престолнина на културата”. Во него се опишуваат културната визија, програмата, планираните активности, буџетската рамка, моделот на управување и организациската структура што градот ја предлага. Тој не е закон, не е правен акт на Европската Унија и не наложува формирање фондација, ниту предвидува исклучување од националните правила за јавни набавки. Тој претставува проектна и програмска документација, а не дозвола за суспендирање на домашното законодавство.
 
Во повеќето европски градови што ја носеле титулата, организациската форма се определува согласно националното законодавство. Никаде Европската Унија не бара создавање посебен правен субјект со привилегирани правила за трошење јавни средства.
 
Токму затоа Владата беше принудена да го повлече Предлог-законот. Не поради „дезинформации”, туку затоа што јавноста ги препозна опасните одредби со кои се отвораше можност јавните средства да се трошат надвор од стандардните механизми на контрола, транспарентност и конкурентни постапки.
 
Наместо да ја обвинува јавноста за манипулации, премиерот треба да одговори на едноставно прашање: зошто воопшто беше потребен посебен закон со исклучоци, ако навистина сè било во согласност со европските правила?
 
Европските вредности не се состојат во формирање фондации по мерка на Владата, туку во владеење на правото, еднакви правила за сите, транспарентно трошење на јавните средства и силна јавна контрола. Токму тие принципи недостасуваа во повлечениот Предлог-закон.

Можете да прочитате

По повеќе од две децении – Клиничката болница Битола добива нова современа опрема

Тошковски: 496 нови полициски службеници ја засилија македонската полиција – инвестициите во реформите и обуката создаваат професионални чувари на безбедноста

Суспендирани двајца полицајци, тепале притворено лице во Струга