Утрински Весник
Македонија

Клековски, Андовски, Перински и Касами со делегација на Светска банка во КБ Тетово: Подготвуваме значајна инвестиција во здравството на полошкиот регион

Slika 1 kb tetovo.jpg

Министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, и директорот на Клиничка болница Тетово, д-р Ерзен Елези, заедно со делегација на Светска банка и претставници на Министерството за здравство, денеска ја посетија КБ Тетово.

На посетата беше презентиран концептот за темелна реконструкција, проширување и опремување на болницата. Проценетата вредност на планираната инвестиција изнесува 4,56 милијарди денари, односно приближно 74 милиони евра, додека конечниот финансиски модел ќе биде утврден по завршувањето на потребните анализи и постапки.

Проектот предвидува:

  • реконструкција и модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок;
  • изградба на нов павилјон за повеќе медицински дејности;
  • посебен објект за гинекологија, акушерство и неонатологија;
  • набавка на современа медицинска опрема и ИТ-системи;
  • отстранување на дотраените објекти и целосно уредување на болничкиот комплекс.

„Ова е инвестиција во достоинството и сигурноста на пациентите и во подобри услови за здравствените работници. Нашата цел е граѓаните од Тетово и полошкиот регион да добиваат современа и навремена здравствена услуга блиску до местото на живеење”, истакна министерот Клековски.

Инвестицијата е од непосредно значење за околу 251.500 жители на полошкиот регион и треба да овозможи повеќе локално достапни услуги, пократко време на чекање и помалку упатувања во Скопје.

Со претставниците на Светска банка беа разгледани следните чекори: подготовка на физибилити студија, техничка документација, анализа на трошоците и придобивките и дефинирање одржлив модел на финансирање.

Министерството за здравство, заедно со Фондот за здравствено осигурување, општина Тетово и раководството на КБ Тетово, ќе обезбеди координирана подготовка, транспарентност и институционална поддршка во сите фази на проектот.

Модерна КБ Тетово значи посилно регионално здравство и поквалитетна здравствена заштита поблиску до граѓаните.

Можете да прочитате

Две тинејџерки извлечени од Охридското езеро, со СУП даски заглавиле сред езеро

До крајот на неделава водата во Гостивар ќе може да се пие, уверува Клековски

Мисајловски во посета на касарната „Јане Сандански” во Штип: Со засилено темпо продолжуваат капиталните инвестиции во Армијата