
Веќе пет и пол децении наназад, Фестивалот „Илинденски денови“ претставува вистински простор за промоција на културното наследство во сите појавни форми – музиката, танцот, игрите, обредите, обичаите, традиционалните носии и сите останати формати на уметничкиот израз, стои во денешното соопштение на собраниската прес-служба од обраќање на потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, на отворање на Фестивалот „Илинденски денови“.
Секоја година, во пресрет на великиот Илинден, фестивалот продолжува со својата основна визија и мисија – да ја промовира домашната и интернационална народна уметност и култура со цел зачувување на културните идентитети ширум светот и афирмација на интернационалниот фолклор како начин за зајакнување на културата на разбирањето, толеранцијата и меѓусебната почит и соработка меѓу народите.
Битола, градот каде градската Саат-кула ги мери вековите, градот на конзулите и клавирите, на пајтоните и чаршиите, градот каде Истокот се пресретнува со Западот, деновиве повторно ќе блеска со величествен сјај. Битола деновиве ќе живее и пулсира во ритам, звуци и танци од сите краишта на светот. Битола деновите ќе доживее вистинска експлозија на бои и традиционални носии кои гордо ќе ги презентираат изведувачи од САД, Венецуела, Порторико, Кина, Грција, Холандија, Словачка, Унгарија, Шведска…
Битола, по којзнае кој пат пред светот ќе го промовира и автентичниот, автохтон македонски фолклор со звуците на зурлите и тапаните, кавалите и гајдите, во единствениот 7/8 такт кој е оригинална македонска особеност, презентирајќи ги македонските неповторливи ора како „Комитското“ и „Касапското“, „ Малешевското“ и „Калајџиското“, „Невестинското“ и „Арнаутското“, „Шопското“ и „Тешкото“… а македонските народни носии ќе сведочат за богатството на многувековната македонска културна и историска автентичност.
Затоа, Битола ќе биде точката на поврзување на уметници од сите светски меридијани – центар на светот во кој се зборува на универзалниот јазик на музиката, песните, танците и ората; Битола деновите е градот кој ќе ги руши сите стереотипи, заблуди и предрасуди, промовирајќи дух на пријателство наместо ривалство, заедништво наместо поделби, прифаќање на разликите наместо нетолеранција, љубов наместо одрекување.
Собранието на Република Македонија како претставнички дома на граѓаните и традиционален покровител на овој фестивал ќе продолжи и понатаму да дава силна поддршка на овој вонредно важен фестивал, со мисија и визија за културен натпревар меѓу народите, што како принцип во аманет ни го остави најголемиот македонски син – Гоце Делчев.
Нека живее духот на Илинден низ битолските улици, нека биде победа на уметноста и традицијата!
Со добра мисла и најубави желби за мир, толеранција, прифаќање и почит меѓу народите, го прогласувам 56. Фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ за отворен!


