
Пишува: проф. д-р Иван Анастасовски
Во секое современо општество растот на цените претставува повеќе од економски индикатор, тоа е показател за капацитетот на државата да го заштити животниот стандард на своите граѓани. Во Македонија, последните бранови на поскапувања одамна престанаа да бидат привремена последица на глобалните кризи и прераснаа во секојдневен предизвик што директно ја намалува куповната моќ, ја продлабочува сиромаштијата и ја намалува довербата во институциите.
Факт е тоа дека денес, граѓаните не ги чувствуваат поскапувањата преку извештаите на институциите, туку пред полиците во маркетите, на бензинските пумпи и при плаќањето на сметките за електрична енергија односно во реланиот живот. Очиглено станува јасно дека инфлацијата повеќе не е економска категорија, таа е секојдневна борба за достоинствен живот за секој еден поединец во општетсвото.
Секоја власт има право да се повика на глобалните причини како што се војните, енергетски кризи, нарушени синџири на снабдување и нестабилни светски пазари и тоа е неспорен факт. Но, ниту една влада нема право со тие аргументи да ја избегне сопствената одговорност. Македонската економија е силно зависна од увозот на храна, енергенси и суровини. Во такви услови, секое глобално нарушување на пазарите се пренесува врз домашните цени. Но, не може секоја инфлација да се оправдува исклучиво со надворешни фактори. Кога одредени производи поскапуваат повеќе отколку во соседните држави, кога трговските маржи растат побрзо од реалните трошоци, а пазарната конкуренција е ограничена, тогаш станува збор и за домашни структурни слабости кои бараат институционален одговор.
Особено загрижува фактот што најголем товар го носат домаќинствата со ниски и средни приходи. За нив, секое ново поскапување не претставува статистички податок, туку избор помеѓу основните животни потреби. Инфлацијата најсилно ги погодува оние кои најмалку можат да се заштитат од неа, создавајќи чувство на економска несигурност и социјална неправда.
Државата, секако, не може административно да ги контролира сите цени во пазарна економија, но, таа има обврска да создаде фер услови на пазарот и да спречи злоупотреби. Ефикасната држава не е онаа што постојано интервенира, туку онаа што знае кога, каде и како да интервенира за да го заштити јавниот интерес.
Поради фактот што поскапувањата не засегаат сите до еден, од оние со мали и умерени примања до оние што имаат високи (па и енормно) примања. Доколку постојат координирани или неоправдано високи маржи, тие мора брзо да бидат откриени и санкционирани. Имам чувство дека кај нас слободниот претставува параван за монополско или картелско однесување, а не реално конкурентска борба помеѓу компниите. Затоа е многу значајно Владата да воспостави систем за континуирано следење и јавно објавување на цените на основните прехранбени производи. Поголемата транспарентност ја зголемува конкуренцијата и им овозможува на потрошувачите полесно да ги споредуваат цените.
Исто така, неопходна е силна поддршка за домашното производство, силно верувам дека сме свесни сите до еден од фактот дека земја која произведува повеќе храна, повеќе енергија и повеќе индустриски производи е помалку изложена на надворешни ценовни шокови. Затоа инвестици во земјоделството, прехранбената индустрија и обновливите извори на енергија денес не се само економска, туку тие претствуваат и стратешка политика.
Нелку пати јавно сум сугерирал како човек кој е наклонет левичарските (социјални) политики за помош која треба да ја дава Владата при вакви силни бранови на поскапувања особено кон ранливите категории, но во исто време мислм и тоа дека не е само до тоа државата да остане на тие краткорочни мерки, туку потребни се прецизно насочени социјални политики кон најранливите категории граѓани. Помошта треба да стигне таму каде што е најпотребна, без да создава долгорочен притисок врз јавните финансии.
Она што сум убеден како човек кој долги години работи, привредува па дури инвестира во нашата држава, дека долгорочните решенија лежат во растот на продуктивноста, инвестициите, повисоките плати засновани врз економски раст и подобрувањето на деловната клима, па затоа мислам дека е време да се заврши со политичкиот реваншизам кој во нашата држава се провлекува со секоја промена на власт, односно властите да се усмеруваат кон подобрување на деловната клима и соддавање на фер услови за борба помеѓу конкурентноста.
Мое видување е тоа дека поскапувањата не се само економски проблем, тие се тест за политичката зрелост и институционалната ефикасност, па оттаму, многу е важно во такви услови Владата, но и опозицијата, заедно со стопанството и синдикатите да имаат заедничка одговорност да изградат политики што ќе обезбедат стабилност, а не краткорочни политички поени.
Најголемата опасност не е само растот на цените, туку навикнувањето на нас граѓаните дека секое ново поскапување е нормална појава и на основа тоа тоа да се очекува државата со нови краткорочни механизми да реагира. Кога надежта во институциите исчезнува побрзо од вредноста на парите, тогаш кризата станува не само економска, туку и демократска.
Вистинската економска политика не се мери според бројот на донесени мерки (иако се неопходни), туку според тоа дали граѓанинот може достоинствено да го живее својот живот, без страв дека утре основните прехранбени производи ќе бидат недостижен луксуз. Државата која успева да го зачува тој минимум на економска сигурност не само што го штити животниот стандард, туку ја зацврстува довербата во институциите и ја гради сопствената стабилност.

