Утрински Весник
Македонија

„Ќе те убијам ако не лажеш за мене!“ – сопруг ја тероризирал сопругата затоа што не сакала да го смени исказот пред обвинителството

Ojo nasilstvo.jpg

Две нови постапки за семејно насилство отвори Основното јавно обвинителство Тетово, при што едниот осомничен се заканувал дека ќе ја убие сопругата затоа што не сакала да го промени исказот даден пред обвинителството, а другиот физички го нападнал сопствениот татко и му се заканувал со убиство.

Во првиот случај, обвинителството поведе постапка против 50-годишен маж за кривичното дело „Загрозување на сигурноста“, а до надлежниот суд е доставен и предлог за определување мерка притвор.

Според обвинителството, на 20 јули, при вршење семејно насилство, осомничениот сериозно ѝ се заканувал на сопругата пред таа да даде исказ во обвинителството за претходен случај на семејно насилство. Тој барал од неа да изјави дека ништо не се случило и дека живеат заедно без никакви проблеми.

Откако дознал дека жената останала на претходната изјава, тој телефонски ѝ се заканил дека ќе ја убие, поради што таа не се вратила во семејниот дом. Осомничениот потоа отишол на нејзиното работно место, каде пред нејзиниот претпоставен викал дека не смее да работи таму и повторно се заканувал дека ќе ја убие. Заканите ги повторил и пред родителите на оштетената, предизвикувајќи чувство на страв и несигурност кај неа.

Во вториот случај, обвинителството поведе постапка против 32-годишен тетовец осомничен за кривичните дела „Телесна повреда“ и „Загрозување на сигурноста“, сторени при семејно насилство.

Според информациите, на 19 јули во семејниот дом во Тетово, осомничениот го нападнал својот татко, удирајќи го со тупаници по главата и телото. Кога таткото успеал да се засолни во друга просторија, синот продолжил да му се заканува дека ќе го убие.

За вториот осомничен, обвинителството предложи мерки на претпазливост, меѓу кои забрана за напуштање на живеалиштето, задолжително јавување во судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетениот.

Можете да прочитате

Минчев: Продолжува партнерската соработка за унапредување на реформата на јавната администрација

Татко по расправија го зел 10-месечното бебе и го одвел во Швајцарија

Малолетник се опил до бесвест, кривична за сопственик на локал во Охрид