Утрински Весник
Македонија

Серафимовски ги повика индиските инвеститори: Македонија нуди огромен потенцијал во земјоделството

751751894 122193860828787016 3307094763946862075 n.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски ги претстави можностите за индиски инвестиции во македонскиот агросектор на Македонско-индискиот бизнис-форум, одржан во рамки на официјалната посета на претседателката на Република Индија, Драупади Мурму, на Северна Македонија.

Во своето обраќање, Серафимовски оцени дека посетата на индиската претседателка е силен поттик политичките односи меѓу двете земји да се претворат во конкретна економска соработка, нови инвестиции и долгорочни деловни партнерства.


Тој истакна дека актуелната трговска размена во земјоделството и прехранбената индустрија не ги одразува реалните потенцијали на двете економии и посочи дека постојат бројни можности за соработка.

Како најатрактивни области за инвестирање ги издвои сточарството, производството и преработката на овошје и зеленчук, лозарството и винарството, органското производство, пчеларството, како и изградбата на дистрибутивни центри и современи преработувачки капацитети.

„Нашата цел е македонското земјоделство да го трансформираме во модерно, одржливо, технолошки напредно и извозно ориентирано стопанство. Индија ја препознаваме како значаен потенцијален партнер во тој процес, особено во трансферот на технологии и знаење, развојот на преработувачки капацитети и отворањето нови пазари“, порача Серафимовски.

Министерот ги претстави и можностите за вложувања во паметни системи за наводнување, рационално управување со водните ресурси, современа земјоделска механизација, дигитално следење на производството, соларни системи за фарми, како и производство на енергија од биомаса и биоотпад.

Тој информираше дека заинтересираните компании ќе можат да користат финансиска поддршка преку националните програми и ИПАРД III, доколку ги исполнат пропишаните услови.

Серафимовски порача дека Министерството за земјоделство ќе биде активен партнер на потенцијалните инвеститори и ќе помогне во нивното поврзување со домашните производители и реализацијата на одржливи инвестициски проекти.

Можете да прочитате

Во вчерашното невреме регистрирани оркански удари на ветер со брзина од 134 км/час, потврди УХМР

Рокас: Владеењето на правото клучен предуслов за успешна евроинтеграција

СДСМ бара оставки за здравствениот дебалк во Гостивар – одговорност мора да има