
Македонија се соочува со сериозни ризици во управувањето со задолжителните нафтени резерви – стратешки механизам кој треба да обезбеди енергетска стабилност во услови на криза. Иако Државниот завод за ревизија (ДЗР) за финансиските извештаи на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви за 2024 година даде мислење без резерва, ревизорите изразија мислење со резерва за усогласеноста со законите и прописите, укажувајќи на бројни неправилности и системски слабости.
Најзагрижувачкиот податок од ревизорскиот извештај е намалувањето на нивото на сигурност на државните нафтени резерви од 52 на само 42 дена, што е далеку од европските стандарди кои бараат резерви за најмалку 90 дена од просечниот нето-увоз или 61 ден од просечната домашна потрошувачка.
Владата отстапила милиони килограми мазут на ЕСМ
Ревизијата покажува дека значителен дел од резервите бил отстапен на АД ЕСМ за време на енергетската криза. Во декември 2024 година, Владата без надомест му доделила 10,78 милиони килограми мазут, што претставувало половина од вкупните резерви на мазут за таа година.
Дополнително, во 2025 година, по повторното прогласување кризна состојба, на ЕСМ му биле доделени уште 5,39 милиони килограми мазут, односно повторно половина од тогашните залихи.
Ревизорите предупредуваат дека наместо краткорочни позајмици, како што предвидува Законот за задолжителни нафтени резерви, горивото било трајно отстапено без надомест, што директно придонело за намалување на нивото на резервите и ја доведува во прашање енергетската безбедност на државата.
Министерството за одбрана осум години не го вратило позајмениот мазут
Посебен дел од извештајот се однесува на Министерството за одбрана, кое уште во 2017 година добило позајмица од 600.000 килограми мазут за потребите на Армијата, со обврска истото количество да биде вратено до крајот на годината.
И покрај поминатите осум години, мазутот сè уште не е вратен, а Агенцијата евидентира побарување од 16,7 милиони денари, или приближно 270 илјади евра.
Според ДЗР, ваквата состојба дополнително го зголемува ризикот за исполнување на законски пропишаните минимални резерви.
Владата не носела задолжителни одлуки за резервите
Ревизијата открива и сериозни институционални пропусти. За 2022 и 2023 година Владата воопшто не ги донела задолжителните годишни одлуки за количините и структурата на нафтените резерви, иако предлозите биле доставени навремено.
Уште позагрижувачки е фактот што за 2024 и 2025 година предлог-одлуки воопшто не биле доставени.
Дополнителен проблем е создаден со законските измени во 2024 година, кога надлежностите биле префрлени на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Ревизорите констатирале правна колизија околу тоа кој треба да ги носи подзаконските акти, поради што тие сè уште не се усогласени со законските измени.
Намалување на вредноста на резервите за 5,8 милиони евра
Во извештајот се наведува дека само во 2024 година вредноста на нафтените резерви била намалена за 360,4 милиони денари, односно околу 5,8 милиони евра, преку нивелација на цените согласно одлуките на Регулаторната комисија за енергетика.
Проблемот, според ревизорите, е што Агенцијата нема јасно утврдена законска методологија или интерен акт кој ја регулира оваа постапка.
Директорот не ги исполнувал законските услови
Ревизорите констатирале и неправилности во управувањето со институцијата. Во јули 2024 година Владата именувала нов вршител на должност директор, кој не го исполнувал законскиот услов за најмалку пет години работно искуство на раководна функција во областа на енергетиката.
Дополнително, самиот Закон за задолжителни нафтени резерви не предвидува функција „вршител на должност директор“, ниту го утврдува неговиот мандат, што отвора прашања за законитоста на ваквите именувања.
Неправилности кај платите и немање внатрешна ревизија
Ревизорите утврдиле и бројни финансиски и кадровски неправилности. За плати и надоместоци биле исплатени над еден милион денари повеќе од предвиденото, неправилно се пресметувале боледувањата, а прекувремената работа не била соодветно евидентирана.
Особено загрижува податокот дека Агенцијата, иако располага со просечен тригодишен буџет од 763 милиони денари, воопшто нема воспоставено единица за внатрешна ревизија.
Финансиски показатели
Според ревизорскиот извештај, во 2024 година Агенцијата остварила:
- Вкупни приходи од 1,15 милијарди денари;
- Вкупни расходи од 941 милион денари;
- Вишок на приходи од 212,6 милиони денари;
- Вкупна вредност на нафтените резерви од 8,34 милијарди денари.
Државниот завод за ревизија упатува препораки до раководството на Агенцијата, Министерството за енергетика и Владата итно да ги усогласат законските решенија, да воспостават построга контрола врз управувањето со стратешките резерви и да прекинат со практиката на трајно отстапување на гориво без надомест.
Ревизорскиот извештај испраќа јасно предупредување дека енергетската безбедност на државата не смее да биде доведена во прашање поради институционални пропусти и непочитување на законските обврски.

