Утрински Весник
Балкан

Ердоган: Турција никогаш нема да ги остави кипарските Турци сами во нивната праведна борба

20260720140700 big 730x400 35.webp.webp

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, по повод 52-годишнината од турската инвазија врз Кипар во 1974 година, изјави дека Анкара ќе продолжи да ги поддржува кипарските Турци и да им оддава почит на паднатите турски војници.

– На 52-годишнината од мировната операција на Кипар, им оддавам почит со љубов на нашите херојски маченици и со благодарност на нашите ветерани. Им упатувам искрени честитки на кипарските Турци за нивниот Ден на мирот и слободата – 20 јули – и им ги испраќам моите поздрави на моите браќа и сестри кипарски Турци. Како татковина и земја гарант, никогаш нема да ги оставиме кипарските Турци сами во нивната праведна борба, истакна Ердоган.


На 20 јули 1974 година турската армија го нападна северниот дел од островот како одговор на државниот удар насочен кон присоединување на островот кон Грција. Во 1983 година еднострано е прогласена Турската Република Северен Кипар во северниот дел од островот окупиран од Турција. Турската Република Северен Кипар е признаена само од Анкара.

Турција инсистира на решение за кипарското прашање со две држави, додека Република Кипар и Грција ја задржуваат позицијата за федерално решение. Последната рунда преговори беше во швајцарското одморалиште Кран-Монтана во 2017 година, која, сепак, заврши со неуспех.

Овогодишното одбележување на годишнината од турската инвазија доаѓа во време на обновени напори на Обединети Нации за рестартирање на разговорите меѓу двете страни, при што генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ќе престојува на Кипар од 27 до 29 јули, при што се предвидени средби со претседателот на Кипар, Никос Христодулидес и лидерот на кипарските Турци, Туфан Ерхурман.

Во Република Кипар, денешната годишнина се одбележува со комеморативни церемонии и погреби за загинатите и исчезнатите во инвазијата, додека во турскиот окупиран дел од островот се организираат свечени церемонии и воени демонстрации.

Можете да прочитате

Вучиќ најави дека изборната кампања ќе ја води со личниот автомобил

Невреме предизвика голема материјална штета низ Словенија, десетици интервенции на пожарникарите

Хрватска размислува за привремено суспендирање на системот EES