
Како економијата, институциите и личните придонеси ја одредуваат сигурноста на идните пензионери
Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија
Кога ќе се спомене зборот „пензија“, повеќето луѓе помислуваат на денот кога ќе престанат да работат. До тој момент пензијата им изгледа како нешто далечно, речиси апстрактно. Особено за младите, таа е тема што ќе дојде „еден ден“.
Но токму тука, според мене, се крие една од најголемите заблуди.
Ова не е колумна за оние што веќе се пензионирани. Ова е колумна за оние што секое утро одат на работа, плаќаат придонеси и веруваат дека нивниот труд е влог во една сигурна иднина. Зашто пензијата не треба да биде неизвесност што ќе ја откриеме на крајот од работниот век, туку доверба што се гради уште од првиот работен ден.
Пензијата не е награда за староста. Таа е резултат на довербата што човекот ја има дека неговиот труд, неговите придонеси и државата во која живее ќе го исполнат својот дел од општествениот договор.
Во последните години најчесто се разговара за висината на пензиите, за процентите на усогласување или за повремените законски измени. Сето тоа е важно, но тоа се последици. Многу поретко се разговара за причините што ја определуваат идната пензија.
Со текот на времето станува сè појасно дека пензискиот систем не може да биде посилен од економијата што го финансира, институциите што управуваат со него и правната сигурност што ја создава довербата во него. Кога државата е принудена значителен дел од средствата за исплата на пензиите да ги обезбедува преку буџетски трансфери, тоа не е само финансиски показател. Тоа е јасен сигнал дека економијата, демографските движења и пазарот на трудот веќе вршат силен притисок врз долгорочната одржливост на пензискиот систем. Затоа пензијата не започнува на денот на пензионирањето – таа започнува многу порано, со начинот на кој функционираат државата, економијата и општеството.
Во основата на нашиот пензиски систем се два принципа што не треба да се гледаат како конкуренти, туку како сојузници.
Првиот е генерациската солидарност. Денешните работници преку своите придонеси ги финансираат денешните пензионери, со очекување дека утрешните генерации ќе го направат истото за нив. Тоа е општествен договор што може да опстане само ако државата создава услови за економски раст, висока вработеност и доверба во институциите.
Вториот принцип е личната одговорност преку задолжителното капитално пензиско осигурување. Средствата што се акумулираат во вториот пензиски столб се лична заштеда на осигуреникот и претставуваат дополнителен извор на сигурност во староста.
Токму комбинацијата на генерациската солидарност и личната пензиска заштеда му дава стабилност на системот. Едниот принцип обезбедува општествена солидарност, другиот ја зајакнува личната сигурност. Но и двата зависат од истите предуслови – стабилна економија, правна држава и институции што работат во интерес на граѓаните.
Тука доаѓаме до суштинското прашање. Може ли да очекуваме сигурни пензии ако економскиот раст е недоволен? Ако младите се иселуваат? Ако бројот на вработени расте побавно од бројот на пензионери? Ако јавниот долг се зголемува побрзо од создавањето нова вредност? Ако законите не се применуваат еднакво за сите, а институциите ја губат довербата на граѓаните?
На сите овие прашања не може да се одговори само со измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Затоа што проблемот не е само во пензискиот систем. Проблемот е во системот што треба да го одржува пензискиот систем.
Ако економијата создава повеќе вредност, ако продуктивноста расте, ако младите остануваат да работат во својата држава, ако институциите функционираат професионално и ако законите важат еднакво за сите, тогаш расте и сигурноста дека идните генерации ќе можат достоинствено да ја дочекаат својата старост.
Но ако продолжиме да ги третираме пензиите како изолиран проблем, а не како резултат на состојбата во економијата и институциите, тогаш секоја нова реформа ќе биде само привремено решение. Затоа идната јавна дебата не треба да започне со прашањето: „Колкава пензија ќе добивам?“ Таа треба да започне со многу поважно прашање:
Каква држава треба да изградиме денес за човекот што денес работи со право да верува дека неговиот труд ќе му обезбеди достоинствен и сигурен живот утре?
Генерациската солидарност и личната пензиска заштеда не се спротивставени модели. Тие се две страни на истата идеја – заедничка и лична одговорност за иднината. Но ниту еден пензиски модел нема да биде доволен ако државата не ја избере вистинската насока. Не насока во која ќе се бараат краткорочни решенија и лични интереси, туку насока во која ќе се создава нова вредност, ќе се почитуваат законите и ќе се јакнат институциите.
Со еден збор – насока во која ќе градиме, а не ќе грабиме.
Зашто само држава што гради може да создаде генерации што со доверба ќе ја очекуваат својата старост. И само тогаш реченицата „Пензијата започнува многу пред пензионирањето“ нема да биде наслов на една колумна, туку реалност во која секој работник ќе може да верува.


