Утрински Весник
Магазин

Турчин открил таен пат од својата куќа до најпознатото подземно засолниште во Мала Азија

20260716112415 big 730x400 3.webp.webp

Жител на околијата на Кападокија во Турција, под земјиштето на сопствениот дом нашол пат до познатото засолниште Деринкују, коешто во случај на војна, напад, или каква било криза, би можело да собере 20.000 луѓе.

Всушност, на селанецот му паднало чудно тоа што неговите кокошки постојано исчезнувале низ тесен отвор во подрумот на неговата куќа. Следствено, додека ја реновирал куќата, ја проширил пукнатината за да провери каде таа води и така го пронашол неоткриениот премин до древното скривалиште. Деринкују е, всушност, огромен подземен град којшто се протега до 85 метри под површината – на неколку нивоа, со 50 вентилациони отвори, складови за храна, цркви и живеалишта за илјадници луѓе. Се верува дека постоел уште во времето на Фригите во VIII или VII век п.н.е., а Римјаните и подоцнежните цивилизации го прошириле.


За туристите Деринкују е отворен во 1969., па сега околу половина од просториите се достапни за посетители.

Градот издлабен од вулканска карпа се наоѓа во Кападокија – област позната по својот мек вулкански туф што, меѓу другото, е лесен за работа, но е доволно силен да ги држи градбите стабилни. Како што објавува „Би-би-си“, со текот на времето, подземниот град се проширил во меѓусебно поврзана мрежа од тунели и простории распоредени на 18 пристапни нивоа, што го прави најдлабокиот познат подземен град во Турција.

Археолозите веруваат дека внатре имало соби за секојдневен престој, кујни, складишта за храна, училишта и сѐ друго што им овозможувал на илјадници луѓе подолг временски период да живеат под земја. Според УНЕСКО, најстарите делови од оваа древна населба датира од пред најмалку 2.700 години.

Напредното планирање, пак, вклучува и повеќе од 50 вентилациони отвори за свеж воздух низ целиот комплекс.

Истражувачите претпоставуваат дека за време на воените напади или верските прогони низ историјата, околните жители се повлекувале во подземниот град, каде што огромни кругли камени порти можеле да ги затворат влезовите и да ги заштитат од напаѓачите. Важно е да се напомни дека овие порти можеле да се поместуваат само однатре, што претставувало делотворна одбрана од противниците и од натрапници.

Деринкују бил обмислен за подолг престој и живеење под површината на земјата. Длабоките бунари ги снабдувале жителите со вода за пиење, а имало и посебни простории за складирање жито, добиток и вино. Имало заеднички кујни и училишта, како и места за богослужба, што покажува дека градот можел да функционира како речиси целосно независна населба – под земја.

Историчарите, исто така, посочуваат дека природно ниските подземни температури придонеле за зачувување на залихите на храна преку целата година, додека обемниот систем за вентилација обезбедувал доволно воздух за дишење дури и на најдлабоките нивоа. Според турското Министерство за култура и туризам, дел од откриениот град е отворен за туристи, додека во други делови, археолозите продолжуваат да ги проучуваат неговите техники на градба, историскиот развој и врските со други населби низ Кападокија. Се верува дека голем дел од подземната мрежа од градови во Турција сè уште не е истражен. 

Можете да прочитате

Зошто смеењето е клучно за развојот на мозокот на вашите деца

Грешка која ја прават повеќето возачи при користење повеќесезонски гуми

Причини поради кои се зголемува шеќерот во крвта во летниот период