Утрински Весник
Економија

Бугарија влегува во трката за бакар, Македонија сè уште не го активира потенцијалот на Иловица

Rudnik ilovica.jpg

Трката за обезбедување бакар и други критични минерали во регионот станува сè поинтензивна. По Грција, која развива нови рударски капацитети, и Бугарија најавува стратешки проекти со амбиција да стане значаен снабдувач на Европската Унија со критични минерални суровини.

Додека соседните земји го ставаат рударството високо на листата на економски приоритети, поттикнати од европските политики и променетите геополитички услови, Македонија сè уште не го користи потенцијалот на наоѓалиштето на бакар во Иловица.


Зад проектот Иловица-Штука стои „Еуромакс Ресоурцес“, компанија која котира на Берзата во Торонто. Според најавите, проектот има потенцијал за производство на над 10.000 тони бакар годишно во период од околу две децении. Во зависност од движењето на цената на бакарот на светските берзи, проектот би можел значително да придонесе за раст на македонскиот извоз и подобрување на трговскиот биланс.

Во моментов, единствениот активен рударски капацитет за бакар во земјата е „Бучим-Боров Дол“, кој годишно произведува до осум илјади тони чист бакар и постепено ги исцрпува расположливите капацитети.

Од друга страна, надежите во Бугарија дека ќе се позиционираат како регионален лидер кој ќе ја снабдува ЕУ се зголемија откако канадската компанија „Данди металс“ објави дека се пронајдени големи количества на бакар кај рудникот „Челопеч“. Рудникот е стар околу 60 години, а откритието има потенцијал двојно да го продолжи неговиот век на траење. Деталите за капацитетот од геолошките истражувања би биле познати до крајот на годинава.

„Доколку се докаже наоѓалиштето и се идентификуваат големи резерви, компанијата би можела да го обнови својот интерес за производство на бакар, злато и сребро во Бугарија. Ова би значело дополнителни инвестиции и зголемен капацитет. Нашата држава не треба да држи линија на ресурсен национализам, туку да разбере дека може да игра важна улога во ЕУ како земја што експлоатира основни метали како бакар, злато, сребро на сопствена територија, а исто така има и волфрам и манган“, истакна геолошкиот експерт Бојан Рашев за ТВ Блумберг, прецизирајќи дека земјата никогаш не ископувала волфрам, но наскоро може да започне и такви проекти.

Неодамна и директорот на Бугарската рударско-геолошка комора, Иван Митев ја нагласи потребата Бугарија да дефинира национална листа на стратешки суровини и да изгради долгорочна визија за нивниот развој. Според него, мора јасно да се идентификуваат суровините што се од стратешко значење за националната економија и за функционирањето на клучните индустрии.

„Ако сакаме повисока стапка на економски развој, мора да развиеме свои стратешки суровини и проекти. Секторите поврзани со експлоатација, преработка и употреба на суровини сочинуваат речиси 40% од бруто домашниот производ на земјата. Во исто време, Бугарија увезува околу 3 милиони тони суровини годишно во вредност од 1,5 милијарди евра. Тоа се 1,5 милијарди евра што излегуваат од нашата економија. Рударската индустрија честопати останува погрешно разбрана од општеството, иако е основа на многу други гранки и создава висока додадена вредност. Еден рудар создава трипати поголема додадена вредност од просекот за економијата“, потенцира инженерот Митев.

Во меѓувреме, Европската Комисија започна големи промени во политиките, со цел за се забрза домашниот ископ и преработка на критични суровини, ставајќи ја автономијата во срцето на индустриската конкурентност, зелената транзиција и геополитичката отпорност. Во фокус сега е побрзото издавање дозволи за истражување и експлоатација без да се компромитираат високите еколошки стандарди. Неодамнешните геополитички тензии, прекините во синџирот на снабдување и ограничувањата на извозот предизвикаа голем број ранливости во индустриите за електричните возила, обновливите извори на енергија, полупроводниците, одбраната и воздухопловството. Зелената транзиција бара огромни количини суровини и колку повеќе Европа инвестира во обновлива енергија, батерии и електрични возила, толку е поголема побарувачката за бакар, литиум, никел, кобалт и ретки метали.

Можете да прочитате

СДСМ: Животниот стандард на граѓаните е урнат – 50% од вработените имаат плати до 36.000 денари

Азески во Брисел на дебата на највисоко ниво за проширување на ЕУ

Славески до студентите практиканти: „Вие сте дел од иднината на централното банкарство”