Утрински Весник
Свет

Врховната рада го избра Сергиј Корецки за нов премиер на Украина

20260714134705 big 730x400 13.webp.webp

Врховната рада на Украина го одобри предлогот на претседателот Володимир Зеленски за назначување на Сергиј Корецки за нов премиер на земјата. За неговото назначување гласаа 289 пратеници.

Корецки станува четвртиот премиер за време на претседателскиот мандат на Зеленски, заменувајќи ја Јулија Свириденко, која на функцијата беше нешто помалку од една година.


Новиот украински премиер има 48 години и е роден во Луцк. Тој е претприемач и менаџер со долгогодишно искуство во нафтената и гасната индустрија. Пред назначувањето на премиерската функција беше генерален директор на групацијата „Нафтогас“.

Како што беше претходно објавено, на 14 јули Врховната рада ја одобри оставката на премиерката Јулија Свириденко. Со нејзината оставка автоматски беше разрешен и целиот состав на украинската Влада.

Вчера пратеничката група на партијата „Слуга на народот“ одржа средба со Корецки за да разговара за неговата визија за работата на кабинетот и за структурата на идната Влада.

Синоќа претседателот Зеленски официјално ја достави кандидатурата на Корецки до Врховната рада за одобрување.

Украинскиот претседател го истакна богатото искуство на Корецки во енергетскиот сектор и оцени дека тој, токму поради тоа искуство, е во најдобра позиција да ја подготви земјата за претстојната зима во услови на војна.

Гласањето за новиот премиер се одржа во период кога во повеќе украински градови, вклучително и во Киев, се одржуваат протести поради смената на досегашниот министер за одбрана, Михајло Федоров.

Денеска беше објавено и дека Федоров ја одбил понудата на Зеленски да стане негов советник, пренесе „Ројтерс“.

Поранешниот министер за одбрана изјави пред новинарите дека има несогласувања со Олександр Сирски, главниот командат на украинските вооружени сили, кого го обвини дека блокирал иницијативи на Министерството за одбрана додека тој бил на чело на ресорот.

Можете да прочитате

Северна Кореја и Кина најавија продлабочување на соработката поради глобалните тензии

Пентагон воведува тестирање за тестостерон како дел од годишните здравствени прегледи

Иран: Нема да дозволиме САД да се мешаат во Ормуската Теснина