
Апелацискиот суд во Скопје ја потврди пресудата за доживотен затвор за Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев во случајот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Истовремено, Судот одлучи да ја укине ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, и предметот го врати на ново судење.
Одлуката е донесена на 10 јули, по јавната седница во мај на која беа разгледани списите, жалбите и предлогот на Вишото јавно обвинителство. Со тоа, Апелација ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во осудителниот дел за четворицата обвинети, кои беа прогласени за виновни за грабнувањата и убиствата и осудени на доживотен затвор.
Таткото на Вања, обвинет за помагање во грабнувањето со тоа што им давал информации за времето кога неговата ќерка излегувала на училиште. Во текот на целата судска постапка тој ги негираше ваквите обвинувања, а првостепениот суд го ослободи од вина. Апелација ја укина ослободителната пресуда и предметот е вратен на повторно постапување пред првостепениот суд.
По објавувањето на одлуката, четворицата осудени кои речиси три години се во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, се очекува да бидат префрлени во „Идризово“ за издржување на казната.
Според пресудата, на 22 ноември 2023 година, „обвинетите заеднички извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, Љупчо Палевски Палчо му пукал во глава, по што го заплениле неговото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје“.

