Утрински Весник
Македонија

Костадиновски: Обвинителите да се платат, но мора и да испорачаат

Kostadinovski.webp.webp

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски денеска истакна дека и тој е дел од тоа мнозинство што поддржува дека и платите на обвинителите треба да бидат соодветни на нивниот статус и на нивните обврски и должности.

-Ако ја гледаме суштината на работата и суштината на проблемот, како држава, што го имаме, за мене барем, како судија, нема дилема. И јас сум дел од тоа мнозинство што поддржува дека „да“ и платите на обвинителите треба да бидат соодветни на нивниот статус и на нивните обврски и должности. И не само ова. Веројатно знаете, повеќе пати и јавно имам кажано, јас сум еден од оние што се залага на правосудниот систем, да му се дадат неопходните услови за работа. Видов дека оваа Влада веќе им доделила не знам колку вработување. Што значи, еден од сегментите го поправа. Со наша одлука, решен е еден од, условно кажано, проблемите – рече тој, потенцирајќи дека предметот ќе биде разгледан штом биде доставен предметот и се комплетира Уставниот суд.


Костадиновски потенцира дека и судската и обвинителската власт мораат да преземаат радикални чекори за враќање на довербата на граѓаните во системот.

-Ако го гледаме суштински, за мене нема дилема. Треба да бидат изедначени. Затоа што не можеме да ја вратиме довербата на граѓаните. Но, еве можност, јас и јавно сум кажал, мораат да испорачаат. И судската власт, и Обвинителството, мора да преземаат радикални чекори за да ја вратат довербата на граѓаните во системот. Мораат да испорачуваат. Што е испорачувањето од борба за нивната самостојност и независност? Никој не ја подарува самостојност и независност. Никој нема да дојде и да им рече, повелете. Не. Секогаш е процес на една институционална борба. Борбата со судиите или обвинителите што ја срамат фелата, што ја прават перцепцијата кај граѓаните на недоверба. А знаете, во Уставното судство има една максима, креирањето на перцепција на недоверба во правосудниот систем е директно подривање на демократските принципи на државата. Затоа, често сум викал, политиката многу лесно го вперува прстот кон правосудството. Два отсто доверба имало, 3 отсто доверба имало, немало доверба. За да се дојде до такво нешто, до 2 отсто доверба, што е историски најниско, не може системот да биде амнестиран. Државата е систем, вели Костадиновски.

Костадиновски нагласи дека негов личен став е дека во државата со децении ималo надмоќ на извршната врз сите други власти.

-А кога ме прашуваат колеги и во странство и медиумите, како сте се довеле во ситуација да имате 2 отсто доверба во правосудниот систем, мојот личен став како Дарко Костадиновски е дека со децении наназад во оваа држава сме имале супер надмоќ на извршната власт врз сите други власти. И таа аномалија, која веќе ja имаме со децении, нус продуктите од таа аномалија ги сведочиме денес. Затоа е битно секој од властите да ги слуша, да има институционален дијалог, да има разбирање, состојбата во Обвинителството од средбите, што јас сум ги имал со Републичкиот јавен обвинител, е лоша. Има демотивираност, што не е добро – рече тој.

Во однос на обидите на партиите за политизација на Уставниот суд, тој потенцира дека нападите од политиката и од некои државни органи кон судот ги смета како комплимент за нивната работа.

-Откако сум избран за претседател на судот, во суштина, можам дури и да кажам од првото мое интервју што беше за МИА, почна политизацијата на работата на Уставниот суд. Зошто почна? Затоа што јас во тоа интервју најавив дека веќе нема чување на предмети, нема веќе сензитивни и помалку сензитивни, затоа што од тоа чување на предмети во фиока дојдовме до ситуација во која сите сме сведоци, вклучително и онаа 2 отсто доверба во целиот систем. За мене, негде имам веќе кажано, прво, нападите од политиката и од некои државни органи кон Уставниот суд ги сметам како комплимент за работата на судот. Штом тие се нервозни, значи ние добро си ја работиме нашата работа. Зашто нашата суштина е да ја ограничиме политичката власт и да ја држиме во правни рамки, односно во уставно-правни рамки. Да не ги пречекоруваат нивните надлежности, да не влијаат врз другите власти непропорционално. Едноставно го штитиме уставниот поредок таков како што го предвидува Уставот. Тоа е прва наша задача – рече тој.

Костадиновски изјави дека политизацијата на оваа институција отвора покрuцијално прашање во однос на тоа каква држава сакаме да градиме.

– Дали сакаме држава во која ќе владее правото, држава со европски стандарди, држава во која политиката нема да биде над институциите, во која правото ќе биде над политиката или, како до сега, ја имам наречено квази правна држава, а во квази правна држава, политиката е се. Таа дава, таа зема. Таа е татко, таа е мајка. Таа е над институциите. Дали сакаме таква држава? Не сакаме. Ни требат силни, демократски институции и релевантно е кој е на власт. Институции што ќе работат исклучиво во рамките на нивните надлежности. Толку, ништо повеќе, рече тој.

Костадиновски нагласи дека често бил квалификуван и како анти Анлбанец, што смета дека е неосновано посочувајќи два примери од работата на Уставен, од кои во еден бил судија известител.

Можете да прочитате

Сообраќајка во Куманово: Мотоцикл заврши под автомобил

Девет пожари на отворено до 18 часот, два сѐ уште активни

Поведена постапка за врсничкото насилство во Куманово, две од осомничените се малолетнички