Утрински Весник
Македонија

Државата не ги научи лекциите од трагедијата во „Пулс“ – системските слабости останаа

Screenshot 20250317 153644 gallery.jpg

Петнаесет месеци по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени, законската рамка што ја регулира работата на ноќните клубови и дискотеките останува речиси непроменета. Единствената суштинска измена е забраната за употреба на пиротехнички средства во затворен простор, додека клучните препораки за спречување на идни трагедии сè уште не се преточени во закон.

Ова е главниот заклучок од анализата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), во која се оценува дека државата не спровела вистинска реформа на системот за издавање лиценци и контрола на угостителските објекти.


Според ИДСЦС, трагедијата во Кочани не била резултат на изолиран пропуст, туку кулминација на долгогодишни системски слабости, недоволна институционална контрола и регулаторни празнини.

„И денес, секој што сака да отвори кабаре, ноќен клуб или дискотека може да добие лиценца по речиси идентична постапка како и пред трагедијата во Кочани“, се наведува во анализата.

По пожарот беше отворена широка јавна дебата за тоа како објект што не ги исполнувал основните безбедносни стандарди можел повеќе од една деценија да работи без институциите да реагираат.

Токму поради тоа, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) спроведе антикорупциска анализа на законите што ги регулираат лиценците и инспекцискиот надзор. Во своите препораки Комисијата предупреди дека Законот за угостителска дејност содржи сериозни регулаторни слабости кои оставаат простор за корупција и злоупотреби.

Сепак, ИДСЦС оценува дека овие препораки целосно биле игнорирани при последните законски измени. Наместо построги услови за издавање лиценци, задолжителни теренски проверки и поостри санкции, измените главно се сведуваат на дигитализација на административните процедури.

Во анализата се посочува дека најголемиот проблем останува непроменет – лиценците и понатаму се издаваат врз основа на изјава од сопственикот дека објектот ги исполнува минималните технички услови, без законска обврска тие тврдења задолжително да бидат проверени пред објектот да започне со работа.

ИДСЦС предлага воведување задолжителен инспекциски увид пред отворањето на секој ноќен клуб, формирање мешовита комисија составена од повеќе институции која ќе врши теренски проверки, како и воведување построги санкции за лажно пријавување на исполнетост на техничките услови.

Како дополнителен проблем се посочува и недоволната координација меѓу институциите. Податоците за намената на објектите и за регистрираните дејности се водат во различни институции, без обврска за нивно поврзување и меѓусебна проверка, што значително го отежнува откривањето на неправилностите.

Анализата предупредува и дека сегашните казни за прекршувања не се доволно строги и не ја одразуваат сериозноста на ризикот по животот и здравјето на граѓаните. Поради тоа, се бара ревизија на прекршочната политика и воведување повисоки глоби за прекршоци што можат да доведат до трагични последици.

Од ИДСЦС порачуваат дека државата мора да воспостави систем во кој безбедносните стандарди нема да зависат од формални изјави, туку од строга, редовна и независна контрола. Според нив, одговорноста сега е кај законодавецот, кој треба да одлучи дали ќе ги затвори системските празнини или ќе остави услови за повторување на трагедии како пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Можете да прочитате

Арсовска осудена за клевета против Орце Тодоровски – ќе плати 100.000 денари

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ ја користи реконструкцијата за целосна контрола врз државата

Спасовски: Навреди на Мицкоски и Стоилковиќ кон пратениците на СДСМ, бараме извинување и реакција од Гаши