Утрински Весник
Македонија

ИЈЗ алармира: Опасни болести демнат од комарците – летово бидете особено внимателни

1 komarci.jpg

Зголемените температури, климатските промени, урбанизацијата, но и сè почестите патувања и меѓународната трговија придонесуваат за ширење на болести што ги пренесуваат комарците, крлежите и другите вектори во нови региони. Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) предупредуваат дека овие фактори го зголемуваат ризикот од појава и ширење на вектор-преносливи заболувања, особено во летниот период.

Од ИЈЗ апелираат граѓаните да бидат информирани и внимателни, особено за време на летните одмори, кога голем број луѓе патуваат во земји каде што одредени инфекции се широко распространети.


Според Светската здравствена организација, вектор-преносливите заболувања претставуваат сериозен јавно-здравствен предизвик и сочинуваат повеќе од 17 проценти од сите заразни болести во светот, при што годишно се поврзуваат со повеќе од 700.000 смртни случаи.

Овие инфекции најчесто се пренесуваат преку убод од заразени комарци, крлежи, песочни мушички и други вектори, а можат да бидат предизвикани од вируси, бактерии или паразити.

Во Македонија се регистрираат заболувања како лајмска болест, инфекција со вирусот на Западен Нил, хеморагични трески, лајшманиоза и туларемија. Дополнително, постои ризик од внесување на денга, Зика, чикунгуња и маларија кај лица кои патувале во земји каде овие болести се ендемски.

Западнонилска треска – најчеста закана во лето

Од ИЈЗ посочуваат дека вирусот на Западен Нил најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец од родот Culex. Птиците се природен резервоар на вирусот, додека луѓето и коњите се случајни домаќини.

Кај околу 80 проценти од заразените лица инфекцијата поминува без симптоми. Кај останатите може да се јават температура, главоболка, болки во телото и мускулите, замор, гадење, повраќање и осип.

Во ретки случаи се развиваат сериозни невролошки компликации, особено кај постари лица и кај лица со ослабен имунитет.

Во Македонија периодично се регистрираат лабораториски потврдени случаи на Западнонилска треска, најчесто во текот на летото и почетокот на есента, кога бројноста на комарците е најголема.

Денга, Зика и чикунгуња – опасност за патниците

Денгата, Зика и чикунгуњата се вирусни инфекции што најчесто ги пренесуваат комарци од родот Aedes, меѓу кои и азискиот тигрест комарец.

Денгата се манифестира со висока температура, силна главоболка, болки во мускулите и зглобовите, болка зад очите, гадење и осип, а кај потешките случаи може да дојде до крварење и оштетување на органите.

Во Македонија досега нема регистрирано локално пренесување на денга, Зика или чикунгуња, но се евидентирани увезени случаи кај лица кои престојувале во ендемски подрачја.

Кај вирусот Зика посебно внимание се посветува на бремените жени, бидејќи инфекцијата за време на бременоста може да предизвика сериозни вродени оштетувања кај плодот.

Маларијата останува сериозна закана

Маларијата е паразитарно заболување кое се пренесува преку убод од заразен женски комарец од родот Anopheles. Без навремено лекување може да доведе до тешки компликации и смртен исход.

Најризични групи се малите деца, бремените жени, постарите лица и лицата со ослабен имунитет.

Иако Македонија е земја во која маларијата е елиминирана како автохтона болест, повремено се регистрираат увезени случаи кај лица кои се вратиле од земји каде што болеста е присутна.

Како да се заштитите?

За да се намали ризикот од зараза, ИЈЗ препорачува:

  • да не се остава застојана вода во дворови, канти, буриња, саксии и стари гуми каде што се размножуваат комарците;
  • редовно чистење на олуците и одржување на базените и фонтаните;
  • користење репеленти и поставување заштитни мрежи на прозорците и вратите;
  • носење светла облека со долги ракави и ногавици;
  • избегнување престој на отворено во зори и самрак, кога комарците се најактивни;
  • информирање за здравствените ризици пред патување;
  • вакцинација против заболувања за кои постои препорачана вакцина, како што е жолтата треска;
  • консултација со лекар за превентивна терапија доколку се патува во подрачја со висок ризик од маларија.

Од Институтот за јавно здравје потсетуваат дека вниманието не треба да биде насочено само кон комарците. И крлежите и песочните мушички можат да пренесат сериозни заболувања, па затоа се препорачува дополнителна претпазливост при престој во природа и при патувања во региони каде што овие вектори се присутни. Со навремена превенција, информираност и соодветна заштита, ризикот од овие инфекции може значително да се намали.

Можете да прочитате

Спасовски: Навреди на Мицкоски и Стоилковиќ кон пратениците на СДСМ, бараме извинување и реакција од Гаши

ВМРО-ДПМНЕ: СДС, Левица и ДУИ не се за реформи туку за политичка блокада 

Вкупно девет пријави за семејно насилство во последните 24 часа