Утрински Весник
Скопје

Меџити: Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“ ќе создаде нова културна традиција во Скопје

Img 3523.jpeg

Општина Чаир денес ја претстави програмата на првото издание на Меѓународниот музички фестивал „Чаршија”, кој ќе се одржи од 23 до 26 јули во автентичниот амбиент на Старата скопска чаршија.

Фестивалот претставува нова културна иницијатива на Општина Чаир, создадена со цел воспоставување нова уметничка традиција што ќе ја афирмира класичната музика, ќе ја зајакне меѓународната културна соработка и ќе го промовира богатото историско и културно наследство на Старата скопска чаршија.


Под уметничко раководство на светски познатите оперски уметници Инва Мула и Дешира Ахмети, фестивалот ќе донесе врвни музички содржини во еден од најзначајните историски простори во Скопје.

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, истакна дека фестивалот претставува стратешка инвестиција во културата и идентитетот на општината.

„Денес не претставуваме само нов културен настан. Денес ја претставуваме нашата визија Чаир да биде препознатлив не само по инфраструктурниот развој, туку и како простор каде што се создаваат нови културни вредности. Веруваме дека културата е најсилниот мост меѓу луѓето, а фестивалот „Чаршија” е токму таков мост – меѓу традицијата и современоста, меѓу локалното наследство и светската уметност.”

Тој додаде дека амбицијата на Општина Чаир е фестивалот да стане препознатлив меѓународен културен бренд.

„Нашата цел е да создадеме традиција која секоја година ќе расте. Со оваа иницијатива испраќаме јасна порака дека Чаир има капацитет и визија да создава проекти со национално и меѓународно значење.”

Уметничката директорка Инва Мула оцени дека историскиот амбиент на Старата скопска чаршија претставува исклучителна сцена за класичната музика.

„Фестивалот „Чаршија” носи идеја која ме инспирира уште од самиот почеток – класичната музика да стане дел од живото културно ткиво на простор кој со векови ги поврзувал луѓето и културите. Верувам дека ова прво издание е почеток на една долгорочна и успешна приказна.”

Сопранистката и коуметничка директорка Дешира Ахмети нагласи дека фестивалот има потенцијал да стане значајна регионална културна платформа.

„Создаваме фестивал кој ќе ги поврзува врвните уметници, младите таленти и публиката. Нашата цел е секое следно издание да носи нов квалитет, нови соработки и уште посилно меѓународно присуство. Уверена сум дека „Чаршија” ќе стане препознатливо име на културната мапа на регионот.”

Во рамките на четиридневната програма ќе настапат реномирани домашни и меѓународни уметници, а концертите ќе се одржуваат во автентичните простори на Сули ан и Куршумли ан, претворајќи ја Старата скопска чаршија во сцена на класичната музика и културниот дијалог.

Можете да прочитате

Општина Илинден со нов виртуелен водич за промоција на природните и културните богатства

Продолжува бесплатното одлагање кабаст отпад во Центарот за селекција во Карпош

Околу 30 казни за жители на Карпош поради одлагање на кабаст и несоодветен отпад