
Европската Унија влегува во завршната фаза од подготовките за воведување на дигиталното евро, откако Европскиот парламент ја потврди својата преговарачка позиција, со што започнуваат финалните разговори со владите на земјите-членки за новата дигитална валута.
Според „Еуроњуз“, најголемите предизвици во претстојните преговори ќе бидат начинот на кој ќе се пресметуваат надоместоците и како ќе бидат компензирани банките и давателите на платежни услуги што ќе учествуваат во системот.
Дигиталното евро е замислено како електронска форма на пари издадена и гарантирана од Европската централна банка (ЕЦБ). Тоа нема да ја замени готовината, туку ќе биде дополнителен начин за плаќање, со цел да им понуди на граѓаните побезбедни и поефикасни дигитални трансакции.
Корисниците ќе располагаат со дигитален паричник во кој ќе ги чуваат своите дигитални евра, а системот ќе овозможува плаќања и со интернет-конекција и без неа. ЕЦБ нагласува дека приватноста ќе биде високо заштитена и дека институцијата нема директно да може да ги идентификува корисниците според нивните плаќања.
Основната инфраструктура ќе ја обезбедува Европската централна банка, додека комерцијалните банки и другите даватели на платежни услуги ќе бидат задолжени за понудата на услугите кон граѓаните и компаниите.
Едно од најспорните прашања останува моделот за компензација на финансиските институции, како и распределбата на надоместоците во синџирот на плаќања. Планот е трговците да плаќаат пониски провизии отколку што моментално плаќаат за картични трансакции.
Според најавите, финалните преговори ќе се интензивираат во текот на есента, а законската рамка би можела да биде усвоена до крајот на годината. Пилот-проектот за дигиталното евро се очекува да започне во 2027 година, додека неговата поширока примена во продавниците и кај трговците е планирана за 2029 година.

